/ Прочитано:

1.489

Уставниот суд укина одредби од Законот за Царинската управа кои повикуваа на закон кој не е во правниот поредок

Уставниот суд го укина член 2 точка 11 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за Царинската управа.

Член 2 точка 11, образложуваат од Уставниот суд, се повикува на закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива.

„Со оглед на тоа што оспорениот член 2 точка 11 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од член 2 точка 11, со принципот на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова е од причини што владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со означениот дел на член 2 точка 11 од Законот“, се вели во одлуката на Судот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни одредби поради што основано се тврди во иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со што се повредувало начелото на владеење на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.