/ Прочитано:

1.641

Уставниот суд укина одредби од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола

Уставниот суд на Република Македонија ги укина членот 30, став 1 во делот „Агенција за државни службеници“ и членот 48, aлинеја 5 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

Во укинатиот член 30, став 1 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола се уредуваше дека единица за внатрешна ревизија задолжително се основа, покрај другото, и во Агенцијата за државни службеници. Од анализата на наводите во иницијативата се оспорува член 30, став 1 во делот „Агенција за државни службеници“ од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола во смисла дека оспорените делови од законските одредби биле спротивни со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот.

Според наводите во иницијативaта поднесена од Игорчо Точев, Агенцијата за државни службеници била основана во согласност со Законот за државни службеници кој престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за административни службеници при што се наведува дека нејзиниот правен субјективитет престанал да постои. Од одредбите на Законот за административни службеници не произлегувало дека оваа агенција требало да продолжи со своето работење и постоење под името „Агенција за државни службеници“.

Во продолжение на иницијативата е наведено дека Уставниот суд со Одлука У.бр.46/2010 од 12 јануари 2011 година ги укинал член 30, став 4, член 33, став 7 и член 54, став 2 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола („Службен весник на Република Македонија“ бр. 90/2009, 188/2013 и 192/2015) и подносителот на иницијативата предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и на член 48, алинеја 5 од истиот закон.

Причина за оваа иницијатива е тоа што во овој член имало повикување на веќе укинатиот член 33, став 7, во кој било утврдено дека централната единица за хармонизација била надлежна за изготвување одобрение за прераспоредување или отпуштање на раководителот на единицата за внатрешна ревизија или внатрешните ревизори. Во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 30, став 1 и член 48, алинеја 5 и тие да бидат укинати бидејќи не биле во согласност со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Според Судот, постоењето одредби во кои се наведува државен орган или тело во состав на државен орган чиј правен субјективитет престанал да постои или во кои се повикува на одредба која е непостојна е беспредметно и создава правна несигурност во примената на законот. Таквите одредби се неприменливи и треба да бидат отстранети од правниот поредок и од тие причини, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 30, став 1 во делот „Агенција за државни службеници“ и член 48, точка 5 со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото и принципот на правна сигурност како нејзин составен дел.

М.В