/ Прочитано:

990

Уставниот суд укина одредби од Законот за патни исправи, ЕЦПР ја поздравува одлуката: „Се спречи пракса која се применуваше во Студената војна“

Сабота, 19 јули 2014 – Уставниот суд ги укина член 37 став 1 точка 6 и член 38 став 4 од Законот за патни исправи на граѓаните на Република Македонија. Европскиот центар за правата на Ромите кој е поднесувач на иницијативата за оспорување на одредбите од Законот, ја поздравува одлуката на Уставниот суд потенцирајќи дека одлуката спречила пракса која се применувала од времето на Студената војна. Ја поздравуваме одлуката на Уставниот Суд на Република Македонија, со која се објавува  дека  делови од контроверзниот Закон за патни исправи се неуставни и што највисокиот суд во Македонија, констатирал дека оспорените членови од наведениот законот кои  ја органичуваат слободата на движење на граѓаните, велат од ЕЦПР.

На секој македонски граѓанин му се гарантира правото на слободно движење и правото да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа

Уставниот суд на Република Македонија на 16 април 2014 година поведе постапка за оценување на уставноста 37 став 1 точка 6 и член 38 став 4 од Законот за патни исправи на граѓаните на Република Македонија бидејќи, како што соопштуваат од Уставниот суд, основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Судот на седницата утврди дека според членот 37 став 1 точка 6 од Законот за патните исправи на граѓаните на Република Македонија, поднесеното барање за издавање на пасош или виза, ќе се одбие и нема да се издаде пасош или виза ако лицето е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно на прописите за влез и престој во таа држава.

Според оспорениот член 38 став 4 од Законот, ќе се смета дека се престанати причините за одбивање на барањето за издавање на пасош или виза од членот 37 став 1 точка 6 од овој закон по истекот на една година од денот на донесувањето на решението од членот 39 од овој закон.

Судот констатира дека според Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 9 став 1 од Уставот е утврдено правото на еднаквост на граѓаните на Република Македонија во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а додека во ставот 2 на истиот член од Уставот е утврдено правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Судот наведува дека на секој граѓанин на Република Македонија, во согласност со Уставот, му се гарантира правото на слободно движење и избирање на местото на своето живеалиште на територијата на Република Македонија, како и правото да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа. Остварувањето на ова право може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Право  регулирано во сите меѓународни инструменти за заштита на човековите слободи и права

На меѓународен план ова право е регулирано во сите меѓународни инструменти за заштита на човековите слободи и права, усвоени како на универзално, така и на регионално ниво, смета Судот кој упатува на Универзалната декларација за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, каде се регулира дека секој има право да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и неговата сопствена земја, како и да се врати во својата земја.

Уставниот суд ја посочува и Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и Конвенцијата на ООН за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, во членот 5 предвидува забрана на расна дискриминација при остварувањето на правото на напуштање на земјата:

„Во согласност со фундаменталните обврски утврдени во член 2 од оваа Конвенцијата, Државите страни се обврзуваат да ја забранат и елиминираат расната дискриминација во сите нејзини форми и да го гарантираат правото на секого, без разлика на расата, бојата на кожата, националното или етничкото потекло, на еднаквост пред законот, особено во уживањето на следните права: Правото на напуштање на која и да било држава, вклучувајќи ја и својата и правото да се врати во својата земја.

Непропорционална мерка и прекумерно ограничување на слободата на движењето на лицето

Уставниот суд оцени дека мерката државата да му го одземе пасошот на нејзин граѓанин депортиран од друга држава, како и да не му дозволи да ја напушти Македонија во рок од една година е непропорционална и претставува прекумерно ограничување на слободата на движењето на лицето, односно на правото на патување во странство.

„Ова од причина што лицата на кои им се изрекува оспорената мерка биле веќе депортирани, односно присилно вратени во Република Македонија, што значи дека тие веќе трпат определена последица, така што логично би било да им се забрани повторен влез во државата, односно државите чии што правила за влез и престој ги прекршиле, но од страна на тие држави, а не од нивната сопствена држава. Наместо тоа, со оспорената мерка која опфаќа одземање на пасошот во период од една година, на овие лица им е во целост одземено правото да ја напуштат сопствената земја и да патуваат во која и да било друга странска земја, и таа мерка ја применува нивната матична држава. Токму таа автоматска забрана на лицата да патуваат било каде во странство, ја прави оваа мерка спорна од гледна точка на принципот на пропорционалност, како и од гледна точка на принципот на владеењето на правото“, наведува Уставниот суд во Одлуката.

Според мислењето на Судот, за една држава, на сопствен државјанин кој поседува валидна патна исправа да му го ограничи правото, односно слободата да ја напушти сопствената земја, треба да постојат  сериозни и исклучителни околности и тоа заради заштита на безбедноста на Македонија, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

„Наведената мерка не би можела да се оправда со повикување на националната безбедност од причина што не се работи за право на влез во земјата, туку за право на лицето да ја напушти сопствената земја, така што логично се поставува прашањето на кој начин со една ваква мерка државата би ја штитела сопствената безбедност, ако е очигледно дека мерката е во функција на заштита на безбедноста на друга држава, односно други држави преку заштита на правилата за влез и престој на таа друга држава. Воведувањето на една ваква мерка практично значи дека нашата држава реализира суверени права на туѓа држава, што не доведува и до прашањето на кој начин би се направила проценката за тоа дали и како е нарушена безбедноста на другата држава или други држави“, наведува Уставниот суд.

Европскиот Центар за правата на Ромите (ERRC) ја поздравува одлуката

Европскиот Центар за правата на Ромите (ERRC) ја поздравува одлуката на Уставниот Суд на Република Македонија, со која се објавува  дека  делови од контроверзниот Закон за патни исправи се неуставни. На 16 Јули 2014 највисокиот суд во Македонија, констатирал дека оспорените членови од наведениот законот кои  ја органичуваат слободата на движење на граѓаните, се косат со највисокиот правен акт во државата-Уставот на Р.Македонија.

„ЕЦПР(ERRC)  неодамна пред Уставниот суд поднесе иницијатива со која ги оспори членовите од наведениот закон кои им овозможувале на властите да ги одземат патните исправи на граѓаните кои биле присилно вратени од странска држава поради прекршување на правилата за влез и престој во истата.  Граѓаните кои биле засегнати со оваа мерка, не само што не можеле да патуваат во земјата од која биле депортирани, туку и во било која земја, вклучувајќи и држави од регионот со кои македонските граѓани може да патуваат само со лична карта. Рестрикции од ваков тип им оневозможувале на граѓаните да ги одржат блиските релации со своите роднини, дури ни со оние кои живеат во Србија на пример. ЕЦПР(ERRC) аргументираше дека истите рестрикции  не само што се косат со Уставот на Република Македонија туку и со меѓународните регулативи за заштита на човековите права и слободи“, стои во соопштението на Центарот.

„Уставниот Суд спречи пракса која се применувала од времето на Студената војна

Во врска со одлуката на Уставниот суд, раководителот на одборот на ЕЦПР(ERRC) Роб Кушен, како што пренесува ЕЦПР, вели: „Одлуката на Уставниот Суд спречи пракса која се применувала од времето на Студената војна, кога државите со комунистичкиот систем на владеење постојано ги спречувале своите граѓани да заминат. Законот преставуваше товар за сите, особено на Ромите“.

М.В / veljanoskim@akademik.mk