/ Прочитано:

3.274

Уставните и законските одредби за прогласувањето на законите и потпишувањето и објавувањето на актите

Во членот 75 од Уставот на РМ се пропишува дека законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието. Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Претседателот на Републиката е должен да го потпише указот доколку, според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во членот 38 од Законот за Собранието на Република Македонија, во главата посветена на потпишувањето и објавувањето на актите се пропишува дека претседателот на Собранието, истиот ден по донесувањето, законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.

Во рок од седум дена од денот кога ќе му биде доставен законот заради потпишување на указот на законот, претседателот на Републиката го потпишува указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во согласност со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот.

По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Во членот 52 од Уставот на РМ се пропишува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

М.В