/ Прочитано:

2.204

Уставните судии едногласно ги поништија одлуките за распуштање на Собранието

Како што информираат од Уставниот суд, по силниот сомнеж за уставноста на одлуките на Собранието, кој го изразија уставните судии со поведувањето на постапката за оцена на уставноста, денеска тие едногласно ја донеле одлуката за поништување на одлуките.

Уставен суд

Уставниот суд ги поништи двете одлуки за распуштање на Собранието на Република Македонија, едната од 18 јануари 2016 година, а другата од 23 февруари 2016 година.

Како што информираат од Уставниот суд, по силниот сомнеж за уставноста на одлуките на Собранието, кој го изразија уставните судии со поведувањето на постапката за оцена на уставноста, денеска тие едногласно ја донеле одлуката за поништување на одлуките.

„Образложението за поништувањето на одлуките донесени од страна на Собранието е исто како и Одлуката за поведување на постапка за оцена на нивната уставност. Одлуката за поништување на двете одлуки на Собранието на РМ ќе стапи на сила од денот на нејзиното објавување во Службен весник“, велат од Уставен.

Судијата известител, Исмаил Дарлишта, при презентирањето на иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ Талат Џафери, истакна дека Судот веќе еднаш ја разгледувал една од одлуките кои се оспоруваат во иницијативата, но потенцираше дека ново во иницијативата е тоа дека се менува датумот на Одлуката за распуштање на Собранието која ја носи Собранието кое веќе било распуштено со претходната одлука. Судот не побарал одговор од Собранието бидејќи тоа веќе било распуштено.

„При разгледувањето на одлуките се јавуваат како спорни повеќе дилеми: дали повторно може да се состане Собранието кое е распуштено со негова одлука за да ја менува одлуката, што, според мене лично, е недопуштено бидејќи орган кој е распуштен не може да носи повторно одлуки; потоа, дали може да продолжи мандатот на пратениците и по распуштањето на Собранието; дали оспорената одлука е подобна за уставносудска оцена, за што мислам дека ние, како Уставен суд, и тогаш реков дека сме надлежни затоа што последиците од Одлуката се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија; дали Уставот на РМ го предвидува прашањето за одложено важење за распуштањето на Собранието и последното спорно прашање е дали Собранието може да ја проширува својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од тоа што е регулирано во Уставот, што, според мене, таков услов нема ниту еден орган во РМ, па ни Собранието“, рече Дарлишта.

Ако дадеме одговор на сите овие спорни прашања, во согласност со одредбите на Уставот на РМ, ние можеме да дојдеме до праведната одлука која целата јавност ја очекува од нас. Сметам дека оспорената одлука е противуставна бидејќи со неа се доведуваат во прашање владеењето на правото и правната сигурност и предлагам Уставниот суд да поведе постапка, заврши Дарлишта.

Судот минатата недела изрече и привремена мерка, односно донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката за распуштање на Собранието.

Собранието заседаваше уште истиот ден, среда, 18 мај, кога беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите кои беа закажани за 5 јуни.