/ Прочитано:

839

Усвоен Деловникот за работа на Комисијата за надзор над работата на УБК и АР

Вторник, 9 декември 2014 – Собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање на денешната прва седница без расправа едногласно го усвои Предлог-деловникот за работа на Комисијата.

Со денешната седница претседаваше пратеникот Иван Иванов, овластен од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, во отсуство на претседател и заменик-претседател кои треба да бидат од редовите на опозицијата.

На седницата беше присутен и директорот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев.

Надлежности на Комисијата, според Предлог-деловникот, се прашања кои се однесуваат на: почитување на правата и слободите утврдени со Уставот и закони, законитоста во спроведување на овластувањата на УБК и на АР од аспект на пречечекорувања на овластувањата, преземање на неовластени постапки, злоупотреба и други негативности во работењето спротивно на нивните права утврдени со закон, методите и средствата што ги користат УБК и АР од аспект на законитоста и почитувањето на правата на граѓанинот и други субјекти, материјалната, кадровската и техничката опременост, како и воспоставување меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на ваквиот надзор.

Комисијата за својата работа најмалку еднаш годишно поднесува извештај до Собранието на Република Македонија. Инаку, Комисијата за надзор над работата на УБК и на АР има претседател, осум члена, заменик-претседател и осум заменици-членови.