/ Прочитано:

1.126

Ваучер за таблет добиле 5 273 студенти, додека 2 017 биле одбиени

За искористените вредносни бонови ваучери, Министерството за информатичко општество и администрација на ИТ-компаниите учеснички во овој проект им исплатило 682 илјади евра.

Таблет компјутер

Можноста за добивање вредносен ваучер во износ од 8 илјади денари, наменет за студенти за набавка на таблет компјутер со надворешна тастатура, ја искористиле 5 273 студенти. Според извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација, кое го спроведуваше проектор во првата половина на 2015 година, 7 290 студенти аплицирале за добивање ваучер.

Од вкупниот број студенти што се пријавиле за добивање ваучер, 3 175 студенти биле од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, 1 005 студенти биле од Универзитет „Св. Климент Охридски“, 1 310 од Универзитетот „Гоце Делчев“, 1 383 од Државниот тетовски универзитет и преостанатите 417 апликации пристигнале од студенти од приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија.

Според податоците од добиената листа, правото да се стекнат со вредносен бон ваучер го оствариле 5 273 студенти, односно 72,3 %.

Според листите и извештаите се констатира дека преостанатите 2 017 студенти биле одбиени поради следните причини:

-1 797 студенти се одбиени поради повисоки приходи на семејството на студентот од приходите утврдени со законот,

-168 студенти се одбиени поради тоа што не ги исполнуваат условите од законот во однос на студиската програма (вонредни студенти се или не се запишани за првпат),

– 19 студенти се одбиени бидејќи имале некомплетна документација и

– 33 студенти се одбиени поради немање податоци за нивните приходи и за приходите на членовите на нивното семејство, а таа грешка се должи на погрешно внесен матичен број за себе и за членовите на семејството и неможноста матичните факултети да ги пронајдат и да ги пратат нивните точни матични броеви.

Од студентите што добиле ваучер вкупно 5 208 студенти го искористиле. 56 ваучери се вратени од страна на администраторите на високообразовните установи во Република Македонија бидејќи студентите отпатувале во странство и не можеле да ги подигнат и да ги искористат ваучерите и 8 вредносни бонови ваучери се подигнати од студентите на матичните факултети, но не се знае поради која причина не се искористени.

За искористените вредносни бонови ваучери, Министерството за информатичко општество и администрација на ИТ-компаниите учеснички во овој проект им исплатило 682 илјади евра.