/ Прочитано:

1.154

Велешкиот суд со пионерски чекори за македонската судска практика

Понеделник, 21 јануари 2013 – Велешкиот Кривичен суд на два пати досега е пионeр во однос на носење судски одлуки, неодамна падна првата пресуда за  малтретирање и усмртување бездомно животно, а пред речиси половина година истиот суд го проби патот до осудителна пресуда за изречена навреда на фејсбук профил. 

Основниот суд во Велес, за половина година донесе 2 пресуди кои се први од ваков тип во македонската судска пракса. Пред 2 месеци падна првата пресуда за малтретирање и усмртување бездомно животно. Судијата Тања Милева, по едно рочиште на кое се сослушани сите сведоци и изведени сите докази, на 78-годишен старец за кое се утврдило дека измачувал и усмртил бездомно маче, му пресуди три месеци условна казна, која ќе се замени со затворска доколку во рок од една година осудениот стори кривично дело. Против осудениот, сведочеле очевидци кои се нашле на местото на настанот.

Но за судијата Милева, ова не е првпат да донесе одлука која што ја отсликува како судија на новата ера. Имено, пред половина година таа донесе пресуда за навреда напишана на фејсбук профил. Тоа е првата пресуда во историјата на македонското судство поврзана со социјалните мрежи. Во предметот се работи за навреда на автор на новинарски текст кој е напишан за животот и делото на Кочо Рацин. Осудениот на 13 јуни 2010 година како член на Организациониот одбор на „Рациновите средби“, незадоволен од текст на новинар, со навредливи зборови се нафрлил врз авторот. Навредливите коментари ги прочитале голем број пријатели на новинарот, токму тие биле клучни сведоци во судскиот процес. Иако судењето траело цели 2 години и се одржале 19 рочишта, сепак судскиот епилог завршил со изречена парична казна од 100 евра.

Во судскиот процес се вклучиле и администраторите на Фејсбук со цел полицијата да собере докази дека навредливите коментари биле пишувани од компјутерот на осудениот. Иако во текот на постапката тој тврдел дека станува збор за лажен фејсбук профил, сепак вештачењето го покажало спротивното.

Овој предмет завршил на Апелација, во меѓувреме се декриминализираше кривичното дело навреда и случајот е затворен. Останува на странките правдата да ја бараат во граѓанска постапка.