/ Прочитано:

682

ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ БАРААТ БЕЗБЕДНОСТ И ЗА ВРЕМЕ НА ГРАДБА

„Дали сме должни како пешаци да одиме на коловоз поради отсуството на безбедни патеки? Дали сме должни како родители со деца да се протнуваме меѓу автомобили во движење поради отсуство на соодветни премини? Дали сме должни како велосипедисти да скокаме вирови со велосипедот под рака? Дали сме должни да стапнуваме во бари со вода кога се симнуваме од автобусите? Дали треба да се движиме со страв низ улиците на Скопје? Дали помислил градот каде се движат неговите луѓе за време на градба?“, прашуваат од групата „На точак“ како ентузијасти за подобро велосипедско Скопје.

slika

Од групата „На точак“ истакнуваат дека креирањето на алтернативни и подеднакво безбедни патеки за сите кои се наоѓаат по улиците на Скопје е задолжителна мерка при градењето. Сепак, додаваат од групата, оние сцени со кои се среќаваме секојдневно придонесуваат за небезбедни, нехигиенски и непријатни ситуации.

„Сите се соочуваме со свирења од коли, непропуштање, брзи движења, отворање врати. И сите, без исклучок, газиме во кал и ја шириме наоколу: по јавните површини, по автобусите, во училиштата, во канцелариите – насекаде!“, потенцираат од „На точак“.

„Според прописите што го регулираат односот меѓу процесот на градење и јавните површини, посочуваат од групата, не е докрај регулирана безбедноста на пешаците/велосипедистите при градба“, истакнуваат велосипедистите.

„Одлуката за комунален ред во Градот Скопје дозволува користење на јавните површини за потребите на градилиштата, но многу општо и непрецизно предупредува ‘доколку тоа не е во спротивност со прописите за безбедноста во сообраќајот’. Исто така, побарува оградување на градилиштата и одредена закупнина за користење на јавниот простор, но не предвидува алтернативни безбедни патеки за време на градба на местото на окупираните и закупените простори“, велат од „На точак“.

Од групата истакнуваат дека едно од предлог-решенијата за подобрување на состојбата е обележување на привремена патека со мобилни реупотребливи прегради и ознаки за безбедно движење на дел од најдесната лента на булеварите.

„Покрај подобрување на квалитетот на градба на терен, потребни се подобрувања и во регулативата за начинот на изведување на градежни работи за да се води сметка за нормалното функционирање на градот и при градба“, велат велосипедистите, кои утре, под мотото „ЗА безбедни патеки во време на градба“,  ја организираат Критичната маса 54 како самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти.

М.В