/ Прочитано:

3.502

ВЕНЕЦИЈАНСКА КОМИСИЈА: Законот за заштита на укажувачите – позитивен развој на правната рамка, но потребни се и мали промени

Венецијанската комисија предлага темелна ревизија на Законот за заштита на приватноста. Овој закон има легитимна цел, но не постигнува соодветен баланс помеѓу приватниот интерес и интересот за информирање на јавноста. Од друга страна, пак, Законот за заштита на укажувачите е многу подобро елабориран и јасен и претставува позитивен развој на националната правна рамка.

Илустрација, Закон за заштита на укажувачи

Законот за заштита на укажувачите, кој беше изгласан во ноември со одложена примена од 4 месеци, треба да почне да се применува од утре. Со овој закон се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно на правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Венецијанската комисија, која во февруари оствари средби со локалните засегнати страни, го објави мислењето од анализата на Законот за заштита на укажувачите и Законот за заштита на приватноста.

Меѓу другото, во мислењето на Венецијанската комисија за Законот за заштита на укажувачите се препорачува да биде определена главна државна агенција која ќе има обврска да изврши проверка на легислативата и да спроведе обука за подигнување на јавната свест за законската рамка.

Тоа може да биде Државната комисија за спречување на корупцијата или Министерството за правда, кои веќе имаат определени функции според членот 15 од Законот, стои во мислењето на Венецијанската комисија.

Исто така се препорачува државата да обезбеди помош за создавање независно советодавно тело каде што ќе може да се обратат за совет потенцијалните укажувачи.

„Антикорупциска или Министерството за правда треба да бидат врската со советодавното тело и годишните извештаи кои ќе се поднесуваат до ДКСК треба да бидат јавни, без да се наруши приватноста на укажувачите, определена со Законот“, порачува Венецијанската комисија.

Директорката на „Транспаренси интернешнал Македонија“, Слаѓана Тасева, која учествуваше во пишувањето на Законот, вели дека законската рамка на Законот за заштита на укажувачите е добра и дека во неа се вметнати голем дел од принципите на „Транспаренси интернешнал“.

„Со одредени мали задршки во однос на откривањето на идентитетот на укажувачите со судска одлука, сметам дека имаме добар закон“, вели Тасева.

Заклучоци на Венецијанската комисија за Законот за заштита на укажувачите и за Законот за заштита на приватноста

Венецијанската комисија во заклучоците наведува дека Законот за заштита на приватноста и Законот за заштита на укажувачите се донесени како дел од политичкиот договор постигнат помеѓу четирите најголеми политички партии во земјава и ги поздравува напорите на политичките партии и на властите кои заеднички работат за создавање стабилен терен за македонската демократија преку регулација на располагањето и објавувањето на сензитивни информации.

Средба на претставници на венецијанската комисија во Министерството за правда

Сепак, Венецијанската комисија предлага темелна ревизија на Законот за заштита на приватноста. Овој закон има легитимна цел, но не постигнува соодветен баланс помеѓу приватниот интерес и интересот за информирање на јавноста. Од друга страна, пак, Законот за заштита на укажувачите е многу подобро елабориран и јасен и претставува позитивен развој на националната правна рамка. При разгледувањето на двата закони Венецијанската комисија ги повикува македонските власти да ги имаат предвид следните препораки:

– Материјалниот опфат на Законот за заштита на приватноста треба да се редефинира со цел да се отстранат сите сомнежи во однос на тоа кои материјали се опфатени со него.

– Законот за заштита на приватноста треба да овозможи објавување материјали што се од јавен интерес, со строго дефинирани исклучоци поврзани со јавното објавување информации поврзани со приватниот и семејниот живот.

– Обврската за предавање на материјалите на новоформираното Специјално јавно обвинителство во Законот за заштита на приватноста треба да биде поексплицитно пропишана. Оваа обврска не треба да го исклучува објавувањето на таквите материјали кои допираат во сферата на јавниот интерес, а ефективноста во работата на СЈО треба да биде обезбедена преку соодветна надлежност, моќ, финансирање и кадровска опременост.

– Членот 6 од Законот за информаторите треба да се ревидира: јавното објавување треба да биде можно кога се непостојни внатрешните /надворешните механизми за откривање, кога не се доволно ефикасни или каде што има забележлив ризик од прикривање на кривични дела или обид за избегнување одговорност од страна на виновниците. Овој член треба да се базира на општата дефиниција на „јавен интерес“ содржана во членот 2.

– Законот за заштита на укажувачите треба да потенцира до кој степен и под кои околности јавниот интерес им обезбедил заштита на укажувачите, а не само кои се можните дисциплински постапки (и слични мерки кои се однесуваат на работното место), но исто така и кривични санкции и граѓанска одговорност и кои се можните исклучоци од ова правило.

На крајот од мислењето изготвено од Клер Бејзи–Малаурие, Дан Меридор, Ричард Барет и Григори Диков, се наведува дека Венецијанската комисија им стои на располагање на македонските власти за понатамошна ревизија на двата закони.

М.С.