/ Прочитано:

2.268

(ВИДЕО) Екстрадиран Алмир Дрпљанин, најбараниот криминалец во Македонија

Вторник, 27 јануари 2015 –  Министерството за внатрешни работи во соработка со косовската полиција, вчера попладне успешно ја заврши екстрадицијата на 35годишниот Алмир Дрпљанин. Со силно полициско обезбедување синоќа Дрпљанин беше спроведен во штипскиот затвор за одлежување на бројни затворски казни меѓу кои и доживотни.

„Дрпљанин, кој важеше за еден од најбруталните убијци и криминалци по кои трагаше полицијата, летото 2012 година беше уапсен на Косово, по што почна постапката за негова екстрадиција. Тој беше откриен и приведен во Урошевац, а во станот во кој престојувал косовските полицајци најдоа огромен арсенал оружје, односно автоматски пушки, пиштоли, снајпер, панцири и униформи, но и големо количество злато за кое се претпоставува дека потекнува од вооружените грабежи во Скопје и Тетово“, се вели во соопштението на МВР

Oсуден на доживотен затвор за нападот на Алфите кај ПМФ

По Дрпљанин беа распишани неколку меѓународни и поголем број национални потраги за бројни тешки кривични дела извршени во Република Македонија.

Во мај 2010 година, тој беше осуден на казна доживотен затвор за напад врз патролата на припадниците на мобилната единица „Алфа“ кај Природно математичкиот факултет. Во овој случај од ноември 2008 година беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги, кои за влакно ја избегнаа смртта, останаа тешки инвалиди.

На казна затвор со времетраење од 15 години е осуден и поради разбојништвото извршено врз комбето на Македонски пошти во населбата Чаир, кога беа украдени 650.000 евра. Дрпљанин беше осомничен за уште едно разбојништво во Скопје, во кое беа украдени над 4 милиони денари и за грабеж во тетовска златарница, од каде што беше однесено злато вредно стотина илјади евра.

Со пресуда на Основниот суд Скопје од 13.10.2005 е казнет со затвор со времетраење од 1 година и 4 месеци и условно 5 години за сторено кривично дело тешка кражба. Истиот суд со пресуда од 25.09.2007 година го казни со затвор од 1 година и 6 месеци и условно за 3 години за сторено кривично дело тешка кражба. Една година подоцна, на 3.1.2008 повторно е казнет со затвор од 1 година за сторено кривично дело тешка кражба. На 5.11.2010 добива уште една затворска казна од 2 години за сторено кривично дело тешка кражба.

„Постојат сериозни индиции дека Алмир Дрпљанин беше инволвиран и во други тешки кривични дела извршени на територијата на Република Македонија, за кои до овој момент не му е поднесена кривична пријава. Со оглед на фактот што голем дел од нив не застаруваат, по неговата екстрадиција, Дрпљанин ќе биде предмет на дополнителна истрага“, истакнуваат од МВР.

Е. П.