/ Прочитано:

1.331

(ВИДЕО) Проширена акцијата „Керозин“: Уапсените се сомничат дека го оштетиле Буџетот на РМ за повеќе од 2 милиони евра

Вторник, 25 ноември 2012 – Во рамки на акцијата „Керозин“, со која во ноември годинава беа уапсени 9 лица кои според МВР осомничени дека вршела злоупотреби со неисполнување на обврските од склучените договори за јавни набавки, транспорт и испорака на нафта за греење, МВР синоќа упаси уште неколку лица,  што резултира со поднесување на пет кривични пријави против вкупно 16 физички и 5 правни лица. 

Како резултат на дополнителните активности, од МВР наведуваат дека се обезбедени докази за инволвираност на десет нови лица, како и дополнителни докази за шест лица опфатени со претходната акција од 15.11.2012 за извршени кривични дела: „давање поткуп“, „примање поткуп“, „злоупотреба на службена положба“, „фалсификување на исправа“, „перење на пари и други приноси од казниво дело“ и „даночно затајување“.

Од преземените мерки утврдено е дека шестмина од осомничените се вработени во: Општина Чаир, ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата Козле-Скопје, СУГС Браќа Миладиновци Драчево-Скопје, Државен студентски дом  „Бранко Станоевиќ“ од Гостивар, ЈЗУ Општа болница Куманово и Општина Гази Баба,  сите задолжени да вршат прием или контрола на испорачаните количини на нафта во споменатите институции. Се сомничат дека ги сториле кривичните дела: „примање на поткуп“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“, со тоа што им овозможиле на членовите на криминалната група (опфатени со претходната акција) да не ги испорачаат количините на нафта за греење кои се наведени во испратниците изготвени од Друштвото АЛМА – Комерц, но да им биде извршено плаќање по истите испратници, како целокупните  количини да биле испорачани.

Имено, Љ.П., Љ.Т., М.П., М.Д. и М.П., се кривично пријавени за „давање поткуп“ бидејќи во текот на 2012 година во повеќе наврати директно и индирекно дале „подарок – поткуп“ во вкупен износ од 150.000 денари, на Д.Ѓ. (вработен како магационер во ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата Козле-Скопје), износ од 45.000 денари, С.М.(вработен како магационер во ДСД Бранко Станоевиќ од Гостивар), износ од 75.000 денари, на Љ.Т. (вработен како домаќин во СУГС Браќа Миладиновци Драчево-Скопје), износ од 30.000 денари, тројцата кривично пријавени за „примање поткуп“ во својство на службени лица вработени во споменатите институции – нарачатели на нафта за греење, во кои институции биле овластени да вршат прием на нафтата за греење која ја испорачувале друштвата: ДПТУ „АЛМА Комерц“ од Неготино и ОИЛ ИНТЕРНЕЈШЕНЕЛ ДОО Скопје. Пријавените се согласиле и примиле поткуп со цел да примат помало количина на нафта за греење од договорената, согласно склучените договори за набавка и доставените Испратници од страна овие две друштва , а со цел стекнување на профит за криминалната група, соопштуваат од МВР.

За сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ поднесени се кривични пријави против три лица и тоа М.Х.(46) вработен во Општина Чаир. Истрагата на МВР покажала дека  при испорака на нафта за греење во училиштата и детските градинки на подрачјето на Општина Чаир, од страна на возачите на ДПТУ „Алма – Комерц“ ДООЕЛ Неготино се истоварало значително помала количина на нафта за греење од прикажаната во испратниците, а пријавениот кој знаел дека е испорачана помала количина, извршил прием и со тоа неосновано створил обврска за исплата на Општина Чаир кон добавувачот „Алма – Комерц“ ДООЕЛ Неготино, во вкупен износ од 13.516.160 денари за кој износ ја оштетил општината Чаир и истовремено и овозможил на „Алма Комерц“ да се стекне со противправна имотна корист.

Пријавениот Љ.А.(64) од Куманово, вработен во ЈЗУ Општа Болница Куманово каде бил  задолжен за вршење надзор на прием на гориво, според МВР и овозможил на фирмата „АЛМА КОМЕРЦ“, да се стекне со против правна имотна корист во висина од 173.126,98 денари, со тоа што иако знаел дека наведената количина  на мазут според испратница не е доставена, истиот го потврдил приемот на количината која е наведена во испратницата и со тоа створил обврска ЈЗУ Општа Болница Куманово, да плати на добавувачот  „АЛМА КОМЕРЦ“ количина од 4420 килограми повеќе од реално примените, овозможувајќи имотна корист за добавувачот од 173.126,98 денари;

Т.П.(41)  од Скопје, вработен во Општина Гази Баба, ја злоупотребил службената положба на начин што истиот потпишал и примил фалсификувани кантарни белешки за извршено мерење на количини  нафта за греење наменети за потребите на Општина Гази Баба, училиштата и градинките на територија на Општина Гази Баба, во вкупна количина од 124.620 литри, иако реално се примени 69.538, со што овозможил организираната група да се стекне со  противправна имотна корист во износ од 3.249.838 денари за количина од 55082 литри гориво за греење, стои во соопштението на МВР.

Во натамошните проверки се потврдило дека А.П., А.В., Т.М., М.П., М.Б.(Косово) и Ј.Д.Г.(Бугарија) во 2010, 2011 и 2012 година делувајќи како организирана криминална група, со друштвото АЛМА-КОМЕРЦ ДОО, учествувале на објавени јавни набавки-тендери во повеќе државни органи, органи на локалната самоуправа и јавни институции за набавка на екстра лесно гориво и мазут и истите во најголем случај успеале да ги добијат. При реализацијата на јавните набавки ги фактурирале договорените количини екстра лесно гориво, а испорачувале значително помали количини од договорените. На тој начин, иако друштвото АЛМА–КОМЕРЦ, според финансиската документација не требало да располага со нафтени деривати, фактички ги поседувало количините на (криминално обезбедено) фактурирани и неиспорачани количини гориво.

Согласно наводите на МВР, за периодот од 2010 до 2012 година, пријавените за друштвото АЛМА КОМЕРЦ ДОО со неиспорачување на количините кон нивните купувачи ,„обезбедиле“ вкупно 2.807.999 литри гориво во вкупна вредност од 2.385.577 евра, за кој износ и го оштетиле Буџетот на РМ. Бидејќи за овие количини на гориво обезбедени на криминален начин, друштвото АЛМА-КОМЕРЦ ДОО немало легален влез, (за да може да врши натамошна продажба на други купувачи), влезот (наведената набавка) била обезбедувана со прием на лажни фактури од дрштвата: Баљшој Крик ДООЕЛ, сопственост на А.В., Глобал Интер ДООЕЛ, сопственост на М.Б. и Ерма Транс ДООЕЛ, сопственост на Ј.Д.Г.

На овој начин осомничените овозможиле „легална“ продажба на горивото (кое е предмет на кривично дело) преку друштвото АЛМА КОМЕРЦ,  со што на сметката на друштвото е остварен прилив од 2.385.577 евра, кои потоа преку сметката на друштвото биле пуштени во оптек за потребите на друштвото, со што пријавените за истиот износ го сториле и кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Со приемот на лажните фактури со пресметан ДДВ, како и со неоснованото пребивање на овој влезен ДДВ со излезниот ДДВ, пријавените затаиле вкупен износ од 22.198.003 денари по основ на ДДВ. Со приемот на лажните фактури и нивното книжење како трошок, пријавните ја намалиле даночната основица за пресметка на данокот на добивка со што овозможиле друштвото АЛМА КОМЕРЦ ДОО да не плати данок на добивка во вкупен износ од 13.229.112 денари. Со ваквото делување пријавените го сториле кривичното дело „даночно затајување“ по чл.279 од КЗ на РМ и затаиле данок во вкупен износ од 576.050 евра за кој износ го оштетиле Буџетот на РМ.

Против споменатите физички и правни лица е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночно затајување“. На осомничените им е изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена.