/ Прочитано:

1.864

Видеонадзор за спас на јавните простори: многу камери, повеќе безбедност, најмалку слобода

Видеокамерите за надзор на безбедноста на јавните простори ги има речиси насекаде. Во последната декада, зачестеноста на терористичките напади низ светот ѝ даде повод на политиката сè погласно да бара поставување безбедносни камери на јавните собиралишта. Во недостиг од други политички решенија, надзорните камери станаа лек за сите рани на јавната безбедност. Од друга страна, нивната сеприсутност засекогаш ги измени навиките на човековото секојдневие, присилувајќи го поединецот да се врзе за претходно непоимлив конформизам. Како се одразува видеонадзорот врз општествената целокупност?

 На градските плоштади и на влезовите од јавните установи, во спортско-рекреативните појаси и во индустриските подрачја — видеокамерите за надзор на безбедноста навикнавме да ги гледаме насекаде. Последната вест во Македонија најави дека видеонадзор ќе дочекаат и возилата на градскиот превоз во Скопје. По терористичките напади од 11 септември 2001 година, светските метрополи нагло ја изменија сликата за својот градски живот, а политиката сè почесто бара да се поставуваат безбедносни камери на јавните места. Во недостиг од други политички решенија, надзорните камери, станаа панацеја за раните на јавната безбедност, но во еднакво голема мера истиснаа и голем број вредности од општественото ткиво.

 Пред половина век, секој поединец беше анонимен во надворешниот јавен простор. Освен ако некому не му беше побарана личната карта или освен ако не наидеше на свој познаник, секој можеше да се движи како анонимна личност. Оваа лежерност веќе ја нема; денес, на улицата нема анонимност. За неколку години ќе биде дури и невозможно некој слободно да се движи низ градските јавни простори без да биде снимен. Во извештаите на полицијата секогаш наново се вели дека, кога на јавно место ќе се извршело прекршок или кривично дело, граѓаните очекувале брзо пронаоѓање на сторителот, а за тоа по секоја цена бил потребен видеонадзор.

Во демократските општества, граѓаните го остваруваат своето право на слободно движење без да се подложуваат на прекумерни психолошки условувања во однос на движењето и на однесувањето. Правата на граѓаните се дефинирани во Законот за заштита на личните податоци, во кои се вклучени правото за противење на обработка на лични податоци за специфични цели; за противење на преносот на личните податоци на трето лице; за пристапување кон и изменување на неточни податоци; за противење на обработка на податоците за цели што не соодветствуваат со онаа цел за која биле собрани, како и правото да се бара бришење или блокирање на податоците за кои не постои законска основа за обработка.

 Без оглед на многубројноста на правата, јасно е оти јавниот простор се набљудува и уште повеќе ќе се набљудува. Светската практика постепено воведува постапка за автоматско препознавање луѓе врз основа на геометријата на нивното лице, според нивното движење и преку облеката. Сепак, дали со примената на безбедносните камери се постигнува саканата безбедност во јавниот простор и натаму е нејасно. Поголемиот број истражувања за влијанието на камерите врз криминалот потцртуваат дека видеонадзорот речиси ништо не менува од безбедносен аспект и оти стапката на криминалот не се намалува. Така, полицијата и политиката сè помалку аргументираат со картата на намалениот криминал.

Ваквиот рез во подробностите на проблематиката неминовно упатува на заклучокот дека повеќе се работи за симболика, отколку за вистински план за одржување на јавната безбедност преку брза реакција на надлежните. Имено, во последната декада, покрај криминалот, тероризмот се издигна до најгорлив проблем за безбедноста на глобалното општество, а неговото сузбивање претполага сестрана и координирана примена на многубројни механизми. Во тој комплексен потфат, камерата за видеонадзор е најевтината алатка што стои на располагање: не менува ништо кај причините, ами само ги набљудува симптомите.

 Оттаму, цената што општеството ја плаќа е немерливо висока и допрва ќе ги покаже своите можни последици. Преку сеприсутноста на камерите се изгубија многу општествени вредности. Ова најмногу важи за чувството да се биде оставен на мира од државата или, со други зборови, за слободата на граѓанинот, којашто дословно се убива од преголемиот страв да не се биде нечија колатерална штета од терористички напад. Знаејќи дека некој озгора ги снима, оние што се на улицата се приврзуваат за еден вид конформизам, зашто се плашат да не сторат нешто погрешно, со што анонимноста може дословно да се гледа како луксуз.


 Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 25.04.2014