/ Прочитано:

640

Вилијамсон: Реков дека има убедливи индикации дека трговијата со органи се случила

Четврток, 31 јули 2014 – Главниот обвинител на Специјалната единица за истрагата за трговијата со органи и воени злосторства на ОВК, Клинт Вилијамсон, во ексклузивно интервју за дневниот весник „Коха Диторе“, вели дека доколку досега бил формиран Специјалниот суд, тој веќе ќе имал покренато обвиненија.

Вилијамсон во интервјуто истаккнува дека ги знае имињата на оние кои ќе бидат обвинети.

„Ние знаеме кои се тие лица за кои мислиме дека се одговорни за злосторствата и истрагата ќе продолжи и ќе биде фокусирана врз нив. Во зависност од тоа како ќе се одвива истрагата во следните месеци, можно е и други поединци да бидат опфатени  на списокот на обвинети“, наведува Вилијамсон, повторувајќи дека ОВК нема да биде обвинета, туку поединци.

Тоа што остана неразјаснето по неговото претставување во Брисел во вторникот, е сомнежот дали имало или не трговија со органи. Тој вели дека ги видел насловните страници во весниците за тоа дека „Вилијамсон кажал дека нема трговија со органи“.

„Јас не го реков тоа. Тоа  што го кажав е дека има убедливи индикации дека тоа се случило, ние веруваме дека една таква работа се случила, но во ограничен степен. Значи постои голема разлика меѓу тоа кога се вели „дека нема докази“ и реченицата „нема доволни докази за во овој момент да се покрене обвинение за тоа“. Сметам дека тоа е многу значајно разјаснување“, вели Вилијамсон.

На прашањето дали во август навистина ќе замине од функцијата, Вилијамсон изјави дека во следните месеци ќе замине, заедно со уште еден или двајца свои колеги.

„Меѓутоа, целата екипа ќе остане функционална. Значи целата екипа која од самиот почеток работеше во овој случај ќе остане и ќе продолжи со работата. Но, секако на крајот, мојот наследник ќе биде тој што ќе ја има примарната одговорност да ги иницира обвиненијата“, подвлекува Вилијамсон.