/ Прочитано:

740

Вишиот управен суд го „закопа“ погребалното претпријатие во Кочани: Општината не може да биде основач на таков субјект

Вторник, 11 февруари 2014 – Кочанското претпријатие “Погребално“ ДООЕЛ по три години од основањето и самото ќе биде “погребано“. Таков е епилогот од донесената пресуда на Вишиот управен суд по жалбата на претпријатието за престанок на неговото работење, пренесува локалната телевизија Канал 8.

Во образложението од Судот се вели дека доказите што биле приложени се спротивни од одредени одредби во Законот за гробишта и погребални услуги, односно дека во овој случај основач на таков правен субјект не може да биде Локалната самоуправа.

Исто така, стои дека претпријатието не може да управува со гробиштата и да дава погребални услуги, заради избегнување на негова монополска положба во однос на сличните претпријатија.

Тоа всушност е и главната причина поради која е донесена таквата пресуда што беше последна правна можност за опстанок и со што практично се става крај на работењето на “Погребално“.

На следната седница на Советот на Општината што треба да се одржи в петок советниците ќе немаат друга можност освен да ја прифатат предлог-одлуката за ликвидација на фирмата што сами ја основаа. Според документот што ќе се најде пред нив на разгледување, тие ќе треба да го разрешат досегашниот директор и да се согласат да се назначи ликвидатор. Петте вработени од “Погребално“ ќе се вратат во КЈП “Водовод“ од каде и беа преземени. Исто така, и возилата и останатите основни средства ќе му бидат вратени на основачот, односно на Општина Кочани.

Како што пренесува телевизијата, од ваквата завршница со “Погребално“ најмногу штета ќе имаат граѓаните. Пропаѓа обидот ова претпријатире да бид своевиден регулатор на цените за услугите за погребување, така што приватните оператори ќе останат сами на пазарот. Според ценовникот што ги нудеше претпријатието, тоа беше за 30-40% поевтино во однос на другите даватели на услугите.

Останува отворено прашањето дали ќе се изнајде начин слично претпријатие потворно да заживее, но наместо Општината тоа да добие друг основач.

Во општина Кочани во моментот има два оператори за погребални услуги кај кои практично и нема разлика во цените што тие ги нудат за своите услуги.