/ Прочитано:

1.382

ВЛАДА: Концептот „Државен испит“ е во финална фаза и ќе почне да се спроведува од 2017

Петок, 21 ноември 2014 – Според Владата на РМ разликата меѓу екстерното тестирање и државниот испит е голема, а ниту еден владин претставник досега воопшто не го спомнал екстерното тестирање за високото образование. „Концептот „Државен испит“ е во фаза на финализирање и важи само за идните студенти, кои своите студии ќе ги започнат во учебната 2015/2016 година. Неговата цел е зголемување на квалитетот и проверка на знаењето во рамки на високото образование“,  велат оттаму за МИА.

„Државниот испит и екстерното тестирање не можат да се поистоветуваат бидејќи разликата меѓу нив е голема. Кај екстерното тестирање се мери дали добиената оценка одговара на знаењето на учениците и има за цел да ги натера наставниците да ставаат реални оценки. Државниот испит, пак, е исклучиво значаен за студентите и не ги засегнува професорите. Овој испит, всушност, треба да ги мотивира и да им помогне на студентите за стекнување на потребното знаење, а не како што се манипулира, да им се прекине студирањето“, велат од Владата.

Според објаснувањата на Владата, испитот ќе се полага на крајот на втора и на крајот на четврта година, што значи дека првиот државен испит ќе се спроведе во 2017 година, а следниот две години подоцна.

„Испитот, кој ќе се полага на крајот од втора година, ќе биде за материјата изучена во прва и втора година студии, а вториот циклус државен испит, кој се полага на крајот на четврта година, ќе биде со прашања од материјата на предметите од трета и четврта година високо образование. За разлика од екстерното тестирање, во државниот испит воопшто не е предвидена никаква контрола врз професорите. Не е вистина дека ако студентот не го положи државниот испит, ќе изгуби година, оцена или услов, туку државниот испит може да го полага неограничен број на пати, се додека не го положи. Она што е најважно е дека за да се положи државниот испит е доволно студентот да покаже барем минимум знаење, со кое треба да добие прелазна оценка, односно 6“, се вели во објаснувањто на Владата за МИА.

Оттаму додаваат дека за да им се олесни на студентите и полагањето на испитот, Министерството за образование и наука ќе објави базен од прашања, кои ќе бидат јавно достапни.

Според  македонската Влада, станува збор за концепт што  веќе се применува во други земји и кој  е од интерес на општеството и самите студенти.

„Полска, Чешка, Унгарија и Словачка се само дел од земјите каде студентите полагаат ваков испит пред дипломирање. Она што кај нас ќе биде различно е фактот што на студентите ќе им се олесни полагањето, кое ќе биде ставено во два дела, со однапред познат базен на прашања. Јавноста беше изманипулирана од протестот кој се случи пред неколку дена, каде се споменуваше екстерно тестирање од страна на дел од сегашните студенти, кои велеа дека оваа мерка за нив е штетна, без да знаат дека тие воопшто не се опфатени со државниот испит. Резултатот од писмениот испит студентот ќе го добие веднаш, освен во ретки случаи каде природата на испитот налага поинаку“, потенцираат од Владата и додаваат дека  е неопходно е да постои некој минимум стандард кој треба да е исполнет од студентот.

Од  Владата уверуваат дека студентите биле изманипулирани од СОРОС и опозициските партии кои, според нив, им создале лажна слика и им преставиле проект кој е непостоечки, поттикнати од идеја која се уште нема свој концепт, не е помината во Влада и не минал низ јавна расправа.

„Најскандалозно е тоа што во организација на протестот учествуваа професори од редовите на СДСМ, за кои дознаваме дека самите ги прекинувале предавањата за студентите и тие сами да може да протестираат“, велат од Владата. 

Студентски пленум: Какoв и да е моделот, Уставот се прекршува

Студентите, пак, денеска преку соопштение до медиумите му порачаа на премирот, кој вчера  изјави дека тестирањето ќе важи за идните генерации и дека студентите ќе бидат вклучени во дебатата, дека нема да се откажат од своите барања и во името на овие генeрации. Според нив, со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46).

„Исто така, не’ заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која ги би трпела последиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се придружат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање. По изјавата не можеше, а да не размислиме на следниве прашања: Дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што ние веќе го оспоруваме? Ако се сигурни во квалитетот на понудените реформи, тогаш зошто прават компромис и нашата генерација ја исклучуваат од истите?“.

Од Студентскиот пленум посочуваат дека ресорниот министер  Абдилаќим Адеми изјавил дека државниот испит ќе биде дисквалификациски, како и тоа дека токму владините службеници ги употребуваат термините „државен испит“ и „екстерно тестирање“ наизменично.

„Изјавено беше и дека „…постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит”, а всушност самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање (т.е. државниот испит – се чини дека владините службеници ги употребуваат овие два термина наизменично) ќе биде дисквалификациско“, се наведува во соопштението на Студентскиот пленум.

>> СТУДЕНТСКИOT ПЛЕНУМ ДО ПРЕМИЕРОТ: Нема да се откажеме од барањата и во името на идните генерации