/ Прочитано:

1.110

Владата предлага членовите на Судскиот совет психолошки да се проверуваат, а мандатот на претседателот да трае три години

Петок, 20 март 2015 – Нови измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Македонија се наоѓаат во собраниска процедура. Предлагач е Владата. Примарната цел на Законот е обезбедување на независност на судството како предуслов за владеењето на правото и како основен гарант за фер судење, се наведува во законското образложение.

Со измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет се менува мандатот на претседателот на Судскиот совет, односно досегашниот мандат од две години без право на повторен избор се заменува со мандат од три години со право на повторен избор. Се менува и следењето и оценувањето на работата на судиите од досегашното едногодишно следење и оценување, на следење и оценување за период од две години.

Исто така,  се врши редефинирање на условите за избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, потоа за избор на член на Советот по предлог на Собранието на Република Македонија, како и за избор на член на Советот по предлог на Претседателот на Република Македонија.

„На огласот за избор на член на Совет по предлог на Собранието на Република Македонија може да се јави секое лице кое во моментот на објавувањето на огласот ги исполнува следниве услови:

– да е државјанин на Република Македонија,

-дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување,

-да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет и да поседува социјални способности за вршење на функцијата член на Совет, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.

За член на Советот по предлог на Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија може да избере лице кое во моментот на изборот ги исполнува следниве услови:

-да е државјанин на Република Македонија,

-дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување,

– да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет и да поседува социјални способности за вршење на функцијата член на Совет, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.

Формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, ги уредува Судскиот совет на Република Македонија.“ – се посочува во членот 2 од Предлог-законот.

Понатаму, се уредуваат одредбите во однос на спроведувањето на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и прецизирање на документите кои кандидатот треба да ги приложи кон пријавата.

Психолошкиот тест кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија ќе има за цел по пат на проверка на социјалните способности да ги афирмира кандидатите за вршење на функцијата член на Совет.

Тестот за интегритет кој ќе го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на фунцијата судија и се состои од тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања.

Судскиот совет на Република Македонија е должен при спроведувањето на психолошкиот тест и тестот за интегритет, да води сметка за заштита на личните податоци, угледот и достоинството на кандидатот, согласно со закон.

Судскиот именик од Министерството за правда преминува во надлежност на Судскиот совет на Република Македонија и се уредува одлуката за објавување оглас за избор на судија во насока на назначување на потребната специјализација за пополнување на испразнетото судиско место.

Во предлог-законот се предвидува редовно и вонредно оценување на судиите. Предвидено е редовното оценување на судиите да се врши еднаш на две години, заклучно со крај на март претходната година, додека вонредното оценување на судиите се врши по оцена на Советот, при избор на судија во повисок суд или за избор на претседател на суд по барање на Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на судија.

>>>Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија

M.В / veljanoskim@akademik.mk