/ Прочитано:

647

Владата усвои нови пет законски решенија од областа на образованието

Недела, 14 декември 2014 – Пакет од пет законски решенија од областа на образованието усвоила Владата на вчерашната седница, помеѓу кои и измени и дополнувања на Законот за високо образование.

Како што информира денеска на прес-конференција во Владата министерот за образование и наука Абдилаќи Адеми, дел од законите се нови, а дел предлози за измени и дополнувања на постојни закони и се базирани на позитивните практики и искуства од далеку поразвиени земји и репери на глобалниот образовен простор.

Станува збор за нов закон за академија на наставници, нов закон за наставници во основните и средните училишта, измени и дополнувања на Законот за високо образование, нов закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно основно и средно образование, односно за педагошки факултети и предлог закон за обука и испит на директор за основно и средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.

„Со реформите треба да се постигнат круцијални промени во образованието во насока на постигнување на една од најприоритените цели во владината програма за работа, а тоа е создавање на општество базирано на квалитетно знаење, односно знаење кое ќе биде основен стожер во понатамошниот развој на земјата“, рече Адеми.

Според Адеми станува збор за предлози кои ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија, при што сериозно внимание ќе биде посветено на сите конструктивни и издржани забелешки и сугестии, а први со кои ќе се сретнат и ќе разговараат се синдикатите.

Со пакетот педагошки реформи се предвидува зајакнување на капацитетите на постојниот и идниот образовен кадар во предучилишно, основно и средно образование, преку основање на Академија за наставници, унапредување на наставните програми за едукација на наставници, воведување систем на континуирана обука.

Се предвидува професионален и кариерен развој на наставниците преку прецизирање на категориите наставник ментор и наставник советник, придружен со дополнителен финансиски стимул, односно зголемување на месечната плата на наставниците.

Меѓу новините кои се предлагаат е и воведување систем на лиценцирање на наставниците кој ќе биде задолжителен за идните наставници, но нема да биде задолжителен за постојните наставници, кои доколку сакаат да поминат низ процесот на лиценцирање, платата ќе им биде зголемена за 3.000 денари месечно. Дел од предлозите е и нов концепт за едукација и селекција на квалитетен менаџерски кадар кој ќе ги води училиштата.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој образложи дел од законските решенија, повика сите заинтерисрани и засегнати страни да се вклучат во јавната расправа по предложените закони.

„Апелирам до сите субјекти, политички партии и други субјекти наместо да посегнуват по учениците, студентите со цел обезбедување на некакви мали, незначајни политички поени, да предложат и да сугерираат квалитетни сугестии со кои што заеднички ќе придонесеме до спроведување на квалитативни реформи на сите нивоа на образовниот систем во РМ со единствена цел зголемување на вкупниот квалитет на знаење во државата“, рече Ристовски.

Тој посочи дека врз основа на проекции ќе се планираат и квоти за тоа колку ќе се запишуваат потенцијално идни наставници, за да не се доведуваме во ситуација на хиперпродукција на кадар.

Во врска со државниот испит, Адеми рече дека важи она што е досега појаснето, а Ристовски, пак, појасни дека е важно да се направи разлика оти државниот испит ќе се полага во два дела, а станува збор за еден испит и го подвлече значењето на овие реформи за земјата.

„Ние како земја не изобилуваме со огромни природни богатства. Нашето поле на борба треба да биде степенот на знаење и затоа ние сме решени да ги спроведуваме реформите кои ќе значат зголемување на квалитетот на образовниот систем во РМ. Свесни сме дека можеби на краток рок дел од овие крупни реформи можат да ни донесат определени негативни политички поени. Но, за нас, тоа во оваа фаза не е најбитно, најбитен е долгорочниот ефект кој што ќе се постигне од нивното спроведување, а тоа е зголемување на вкупниот квалитет на образование во РМ, а тоа е и развој на државата на сите полиња“, истакна Ристовски.

Според него, државниот испит во високообразовните установи е една од тие мерки која се применува во голем број земји кои се карактеризираат со брз и стабилен економски развој, а предлог решението за државен испит кое се нуди е прилагодено на карактеристиките на системот на високото образование во Република Македонија.

За фискалните импликации од овие закони ќе бидат определни средства во буџетот. Сите пет законски решенија утре ќе бидат објавени на веб-страницата на МОН.