/ Прочитано:

987

ВЛАДИН ПРЕДЛОГ: Собранието ќе „интегрира“ правен основ за продажба на државен капитал во странски компании

Понеделник, 13 октомври 2014 – Владата е со намера да го продаде капиталот во српската компанија „Рекреатурс АД Белград“ и за таа цел во Собранието испрати Закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал со кој би се овозможило продажба на акциите согласно законите во државата во која е седиштето на компанијата.

Целта на предложеното дополнување на Законот за приватизација на државен капитал, како што се наведува во Образложението, е да се даде законски основ за примена на соодветната регулатива од земјите каде се наоѓаат друштвата, односно банките (или нивните седишта) во чија главнина РМ или органите на државна власт во РМ имаат свои акции, односно удели.

„Во Република Македонија продажбата на акциите и уделите во претпријатијата и банките во случаи каде сопственик на истите е Владата на РМ, односно органите на држава власт е регулирана со Законот за приватизација на државен капитал и Уредбата за продажба на акциите и уделите што и се издадени на Република Македонија (“Службен весник на РМ“ бр.32/2003,41/2004,89/2005,69/2010 и 154/2012). Меѓутоа, во ситуација во која Владата на РМ и Министерството за финансии се сопственици на акции во друштвото „Рекреатурс АД Белград“ (како и во други случаи кои може да се јават) продажбата на овие акции треба да се реализира согласно регулативата на соодвената држава во која се наоѓа седиштето на ова претпријатие (во случајот-Република Србија), за што во нашиот закон не е даден правен основ. Примeнувањето на соодветната регулатива која е донесена во земјите во кои е седиштето на соодветната компанија, односно банка, а се однесува на продажбата на акции на РМ во истите ќе биде поблиску утврдено и со подзаконскиот акт (наведен во член 12 од постојниот текст на законот), односно тоа е Уредбата за продажба на акциите и уделите што и се издадени на Република Македонија (“Службен весник на РМ“ бр.32/2003,41/2004,89/2005,69/2010 и 154/2012 година)“, која треба исто така соодветно да се дополни. Но основот за примената на регулативата на соодвената држава, при продажба на акциите треба да биде даден со Законот за приватизација на државниот капитал“, се вели во предлог-законот кој веќе е влезен во собраниска процедура.

Во дополнувањето на законот се предлага продажбата на државен капитал, изразен во акции и удели во претпријатија кои имаат регистрирано седиште надвор од Република Македонија, односно акции во банките и финансиските институции кои имаат регистирано седиште надвор од Република Македонија, да може да се врши по процедури согласно законодавството на државата во која е регистрирано седиштето на претпријатијата, односно банките или финансиските институции.

М.В