/ Прочитано:

2.116

Во Агенцијата за млади и спорт МОФ го презентираше проектот за унапредување на работата на оваа институција

Младинскиот образовен форум денеска одржа работен состанок со директорот на Агенцијата за млади и спорт.

На денешната средба, посочуваат од Младинскиот образован форум, точки на разговор беа прашањата за регионалната канцеларија на Западен Балкан и Национална стратегија за млади, според која младите треба да бидат независни, самостојни, активни, рамноправни, информирани и прогресивни учесници во сите области на општеството и во целост.

Младите, се вели во Стратегијата, мора да имаат еднакви можности без оглед на разликите и се значајно вклучени во процесот на донесување одлуки, при што ги развиваат своите потенцијали и активно придонесуваат кон општиот развој и благосостојбата на Република Македонија.

Покрај прашањето за националната стратегија за млади, на средбата се говореше и за актуелните состојби поврзани со младите во Македонија, за што Дона Костуранова, извршен директор на МОФ, го презентираше проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“, чија цел е да се истражи досегашната работа на АМС и да се дадат насоки за поголема функционалност на оваа институција.

На средбата се дискутираше и за Младинската гаранција, која започнува да се спроведува од септември и која е една од мерките што треба да придонесе за намалување на младинската невработеност и полесен излез на младите на пазарот на трудот.

Со цел да се подобри реализацијата на оваа мерка, заклучено е на состанокот, отворена е можноста за организирање консултативна средба со засегнатите страни. Во претстојниот период ќе се креира буџетот за следната година.

Од Агенцијата за млади и спорт додаваат дека на состанокот се разговарало и за развојот на локалните младински совети кои треба да бидат вистински претставнички тела на локално ниво за младите, независни и ослободени од какви било притисоци.

М.В