/ Прочитано:

1.730

Во Анкара почнува судењето на лидерите и членовите на организацијата ФЕТО

Судењето во својата прва фаза ќе трае до крајот на месецов, поконкретно до 29 август, а ќе се одржува во главниот град на Турција, во Казнено-поправниот завод „Синчан“, каде што специјално е подготвена судница во која треба да се сместат повеќе од 500 луѓе. Во овој предмет, на долгата листа од вкупно 486 обвинети, се наоѓаат и лидерите на организација ФЕТО предводена од духовниот лидер Фетула Ѓулен. Тој е првообвинет, а сè уште е во егзил во Соединетите Американски Држави.

По точно година и пол од неуспешниот државен удар во Турција, денеска во Анкара почнува судењето на 486 обвинети лица за случувањата во воената воздухопловна база „Акинци“, која според турските власти претставувала координациски центар при обидот за соборување на власта во земјата.

Судењето во својата прва фаза ќе трае до крајот на месецов, поконкретно до 29 август, а ќе се одржува во главниот град на Турција, во Казнено-поправниот завод „Синчан“, каде што специјално е подготвена судница во која треба да се сместат повеќе од 500 луѓе. Во овој предмет, на долгата листа од вкупно 486 обвинети, се наоѓаат и лидерите на организација ФЕТО предводена од духовниот лидер Фетула Ѓулен. Тој е првообвинет, а сè уште е во егзил во Соединетите Американски Држави.

Второобвинет за случувањата во воздухопловната база „Акинци“ е поранешниот командант на воздухопловните сили на Турција, Акин Озтурк, како и некои од највисоко рангираните лица во, како што ја оценуваат, терористичката структура на ФЕТО, како и пилотите кои на 15 јули бомбардираа повеќе локации во Турција.

Според изјавите на турските власти, на обвинетите ќе им се суди за обид за уривање на уставниот поредок, попречување во работата и обид за оневозможување во работата на Големото народно собрание на Република Турција, потоа за обид за атентат на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за обид за соборување на легитимната власт, управување со вооружена терористичка организација, заробување високо рангирани офицери, повеќекратни убиства и ранувања, намерно загрозување на националната безбедност, како и бомбардирање на повеќе објекти во земјата, првенствено на зградата на парламентот, комплексот на специјалната полиција, сателитскиот оператор „Турксат“ со користење воени авиони и хеликоптери.

Во пресрет на почетокот на едно од најголемите судења во Турција, властите презедоа интензивни мерки на безбедност, како на целата територија на Анкара, така и пред зградата на Казнено-поправниот завод каде што ќе се одржува судското рочиште.

Од вкупниот број обвинети, 461 се наоѓаат во притвор, 18 ќе се бранат од слобода, а седум обвинети, меѓу кои и лидерот на организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, се во бегство.

А. Б.