/ Прочитано:

1.622

Во Австралија ќе биде промовиран првиот робот адвокат по кривично право

Идејата за создавање робот адвокат дошла откако Бил Дуг, партнер во адвокатското друштво „Дуг, О’Брајан, Џорџ“, присуствувал на конференција за индустриска сопственост каде што се дискутирало за иднината на правото. Како адвокат по кривично право, од своето искуство во судовите забележал дека голем број граѓани во Австралија сами се појавувале во судовите и сами се застапувале, па се соочиле со тешкотии кога влегувале во дискусија со судиите, немајќи кој да им укаже подетално на правната проблематика токму затоа што покрај себе немале адвокат.

Робот адвокат

Австралиското адвокатско друштво „Дуг, О’Брајан, Џорџ“, кое работи во областа на кривичното право, ја подготвува промоцијата на моделот „робот адвокат“ кој ќе има задача да им помага со правни совети на луѓето кои имаат потреба од адвокат, но не можат да си дозволат правно застапување при повреда на нивните права во кривичната постапка. Тој ќе функционира така што ќе им поставува збир од прашања на клиентите, поврзани со нивниот карактер, со личните податоци, прашања поврзани со нивните случаи, и врз основа на тие прашања роботот ќе испраќа имејл до нив, кој тие ќе можат легитимно да го презентираат пред судот.

Роботот ги поставува прашањата врз основа на информациите што го интересираат судот кога суди во таков вид предмети, веднаш потоа до странката испраќа имејл со пропратно писмо (водич со совети), кој ќе му послужи на клиентот пред судот. Роботот, покрај писмото, испраќа и споредбени искуства од други предмети кои можат да послужат како пример за клиентот да види што би можел да го очекува во неговиот судски процес.

Идејата за создавање робот адвокат дошла откако Бил Дуг, партнер во адвокатското друштво „Дуг, О’Брајан, Џорџ“, присуствувал на конференција за индустриска сопственост каде што се дискутирало за иднината на правото.

Како адвокат по кривично право, од своето искуство во судовите забележал дека голем број граѓани во Австралија сами се појавувале во судовите и сами се застапувале, па се соочиле со тешкотии кога влегувале во дискусија со судиите, немајќи кој да им укаже подетално на правната проблематика токму затоа што покрај себе немале адвокат.

Во Австралија годишно се иницираат повеќе од 300 000 кривични предмети, разни странки, разни судбини, па затоа адвокатите од ова адвокатско друштво се одлучиле колку што можат повеќе да ги спречат појавите на граѓанско самозастапување во судовите и да ѝ овозможат реална правна помош на оваа група граѓани.

На крајот од ова интервју објавено на lawyersweekly.com.au адвокатите велат дека зборувале и со своите колеги во врска со постоењето на новата правна услуга од роботот. Дел од нив биле позитивно изненадени и овој проект го сметале за добар, но имало и адвокати кои на ова гледале како на опасност од губење клиентите и намалување на нивната работа.

Како и да е, велат адвокатите, колку и да има противење за роботот адвокат, нивна должност како правници е да овозможат пристап до правдата и да ја зголемат вредноста на правото.