/ Прочитано:

1.905

ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ: Правичност, но и транспарентност

Начелата на транспарентноста и вистината треба да бидат водилки во судската комуникација, беше предочено на денешниот настан посветен на Нацрт-прирачникот за комуникација на судовите со јавноста. Консултативниот настан беше во организација на Судскиот совет, со поддршка од ИПА 2010 проект за Понатамошна поддршка на независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки и во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

akad 4

Правичноста мора да биде транспарентна

„Судскиот систем мора да обезбеди правичност во севкупното постапување и таа правичност мора да биде транспарентна. Оттаму, мора да постои ефикасна соработка со јавноста како значаен предуслов за функционирањето и развојот на судовите. Судот мора да обезбеди информации за јавноста, со што станува подостапен за неа, се постигнува отвореност во работењето на судовите, се олеснува транспарентноста на судските постапки, се зголемува довербата на јавноста во судскиот систем и разбирањето на работата на судовите и донесените пресуди, истовремено се елиминира ризикот од корупција. Ефикасната комуникација резултира со стекнување на јавна доверба во судството, верба во правичните судски постапки, со што се зголемува и довербата во државата“, се вели во Нацрт-прирачникот кој беше промовиран пред присутните претставници од повеќе судови ширум земјава.

akad 4

Вистинската информација до граѓаните како предизвик

Содржински, во Прирачникот се опфатени повеќе аспекти на судската комуникација, како што се: нејзините цели, задачите и принципите, организациската структура на комуникацијата, генералната комуникација со јавноста, комуникацијата со медиумите и комуникацијата со страните во судските постапки. Во него се истакнува дека е важно судството да има добро обмислена комуникациска стратегија, која ќе ги почитува обврските на судовите во однос на објективното судење, но ќе се почитува и пресумпцијата на невиност и правото на приватен живот. Начелото на јавност е едно од основните начела врз кои се заснова секоја демократска кривична постапка на една правна држава, се акцентира во Нацрт-прирачникот.

akad 4

„Живееме во информативен свет. Начинот како вистинската информација ќе дојде до општеството претставува предизвик за сите“,  истакна адвокатот Јордан Постолски, главен правен експерт на проектот за правосудство и пробација и еден од подготвувачите на Прирачникот. Тој подвлече дека една од клучните цели на Прирачникот е остварување на принципите на отвореност и транспарентност на судовите.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, оцени дека транспарентноста на судовите е клучна за владеењето на правото и е еден од начините за спречување на нелегалните притисоци во нивната работа. Од тие причини, додаде тој, ЕУ ќе дава поддршка на реформите во таа насока, вклучително и на проектите кои имаат суштинско значење за судската транспарентност каков што впрочем е и Нацрт-прирачникот.

akad 4

Важноста на јавната доверба

Според претседателот на Судскиот  совет, Бранко Ушковски,  Прирачникот ќе има мошне корисна улога во информирањето на работата на судовите и за предизвиците со кои се соочуваат. Проактивноста, истакна Ушковски, е  „формулата“ за спроведување на принципите за отвореност, транспарентност и отчетност на судовите.

„Се надевам дека  Прирачникот за комуникација на судовите со јавноста ке биде изработен професионално и како алатка која ќе ни биде водич, кој судството ќе го користи за да пренесува важни информации за до јавноста“, истакна Ушковски, додавајќи дека во подготовката на Прирачникот пожелно е да бидат вклучени и судии затоа што првенствено ќе се однесува на нив.

akad 4

„Јавноста му суди додека судијата суди“

Цитирајќи ја познатата правнофилозофска мисла на филозофот Бентам, претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, рече дека „Јавноста му суди додека судијата суди“. Таа нагласи дека судовите мора да се потпрат на јавната доверба, но и дека судството има потреба од објективно медиумско  известување.

„Медиумите влијаат врз формирањето на јавното мислење и тие го прават мостот меѓу граѓаните и судиите. Медиумите треба да одиграат важна улога во однос на  јавната доверба. Неопходна е меѓусебната упатеност на судството и медиумите“, рече Неделкова, подвлекувајќи дека вистината  треба да е основно начело и за судиите и за медиумите.

Неделкова додаде дека под јавност, исто така, се подразбира и стручната, научната и студентската јавност која е често присутна на судењата, а тоа е резултат на взаемната соработка на Судот со Правниот факултет. Таа додаде дека со присуство на академската и пошироката јавност, Врховниот суд сака да воспостави добар пример и да стави акцент на важноста од отворените судења и нивната транспарентност, во согласност со законските прописи.

akad 4

Стравот од критика е корисен

Енгелбертус Маан, холандски судија и проектен експерт за судство, пренесе интересно излагање за односот на судовите кон јавноста во Холандија, посебно нагласувајќи го однесувањето на судовите и судиите кон новинарите.

„Стравот од новинарска критика постоеше и кога јас почнував како судија, но тој страв е корисен. Ние не се затворивме, туку уште повеќе им го олеснивме пристапот на луѓето да присуствуваат на судењата, а со тоа и на новинарите. Доколку има некој критички текст,  ние велиме, во ред, да видиме, можеби се во право за ова или, пак, можеби ние не објаснивме добро“, истакна  Маан.

akad 4

Одлуките на ЕСЧП и јавниот интерес

Македонската судијка Антоанета Димовска истакна дека во Македонија постои одлична правна рамка за тоа како да комуницираат судиите со јавноста, која е гарантирана со Уставот. Судијката изложи корисен осврт на домашната регулатива, но го елаборираше прашањето и од меѓународен аспект. Таа посебно се осврна на прашањето за јавниот интерес, порачувајќи дека одлуките на ЕСЧП можат да помогнат околу дефинирањето и толкувањето на јавниот интерес и на дилемите кои  во таа насока се наметнуваат низ праксата.

akad 4

И тогата и микрофонот трагаат по вистината

Членот на Судскиот совет Зоран Караџовски рече дека институциите на судската власт години наназад спроведуваат низа активности во насока на градење на доверба на јавноста. Тој рече  дека недоследностите, во таа смисла, биле согледани и го поздрави Прирачникот како корисен ориентир и како алатка за судската комуникација. Во таа насока, тој додаде дека еден од проблемите што дополнително треба да се надминат во иднина  е воспоставувањето на интернет-страниците  кои ќе овозможат поедноставно и побрзо пребарување на пресудите, а во контекст на транспарентноста. Во таа смисла, нагласувајќи ја транспарентноста како клучна за судската комуникација, Караџоски рече дека кодексите на новинарите и судиите се слични  и двата значат извршување на професијата во име на вистината.  Почитувањето на начело на вистината, додаде тој,  се однесува за и за тогата и за микрофонот.

М.В