/ Прочитано:

2.559

Во Македонија има вкупно 522 акционерски друштва, од кои 16 се нови

Четврток, 29 јануари 2015 – Вкупно 522 акционерски друштва се евидентирани во Македонија заклучно со 31 декември минатата година. Од нив 16 се нови, а кај 13 е евидентирана постапка на стечај, пренесе МИА.

Податоците со кои располага Централниот депозитар на хартии од вредност покажуваат дека номиналната вредност на издадените акции минатата година изнесувала 234,3 милијарди денари, а пазарната вредност била 254 милијарди денари.

„Ова се нормални состојби за пазарот на хартии од вредност и во однос на претходната година не може да се каже дека има некои големи разлики. Не би рекла дека е зголемен интересот, меѓутоа не ни опаѓа, туку се држи во рамки на некои нормални процеси и соодветно на животните процеси на акционерските друштва“, оцени денеска директорката на Централниот депозитар, Елена Јакимовска-Петровска.

Најголем дел од акционерските друштва се оние што имаат од 11 до 100 акционери, но значителен број се и друштвата со голем број акционери.

„Имаме солидна структура на акционерски друштва со голем број акционери коишто се присутни за тргнување на Берзата, но и во делот на акционерските друштва со мал број акционери имаме солидна структура на веќе инкорпорирани акционерски друштва кои понатаму можат да бидат предмет на тргнување во случај нивните акционери да донесат одлука да го направат друштвото достапно за јавноста, односно да понудат дел од своите акции за тргување“, рече Јакимовска-Петровска.

Во согласност со податоците, најголем дел од имателите на хартии од вредност се домашни физички лица, односно 81.003, 1.859 се домашни компании, 1.273 странски физички лица и 280 странски компании. Доминира популацијата над 45 години, што според Јакимовска-Петревска е логично, бидејќи тие се лица кои имаат акумулациска моќ.

Централниот депозитар денеска ја промовираше и редизајнираната веб-страница На www.cdhv.mk, воведени се содржини кои, како што беше посочено, ја олеснуваат постапката на подготовка на документација заради соодветни уписи на промени во Депозитарот, а посветено е особено значење и на брзото и едноставно изнаоѓање голем број релевантни информации за издадените хартии од вредност во Република Македонија, како и статистички извештаи.