/ Прочитано:

1.183

Во подготовка измени на Законот за култура и Законот за филмската дејност во врска со сертификатот за странски јазик и психолошкиот тест

Министерството за култура подготвува измени на Законот за култура и на Законот за филмската дејност. Во врска со измените на Законот за култура, од Министерството истакнуваат дека цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за култура е да се овозможи и АПТИС, како меѓународен сертификат за познавање на странски јазик, да биде доказ за познавање на странски јазик за именување на директор на националните установи од областа на културата и ослободување на уметничкиот и стручниот кадар во установите од областа на културата од потребата за поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите странски јазици.

„Во Законот се содржани одредби што се однесуваат на утврдување услови кои кандидатите за директори на Агенцијата за филм треба да ги исполнат, при што меѓу другите услови кандидатот треба да познава еден од трите светски јазици, за што треба да достави и соодветен меѓународно признат сертификат за познавање на странскиот јазик. Сертификатот АПТИС е најдостапен сертификат за познавање на англискиот јазик во Република Македонија, воедно признаен секаде во светот и е со најниска цена на чинење, а не е вбројан во можните сертификати што би биле признати. Воедно, положениот психолошки тест и тестот за интегритет, како услов што треба да го исполни кандидатот за избор на директор на Агенцијата за филм, ја усложнуваат постапката за селекција на кандидати за директори, а притоа не придонесуваат за избор на соодветен кандидат кој има способности, односно стручни познавања за раководење на Агенцијата.

Нецелисходни се и барањата за познавање на странски јазик и поседување меѓународно признати сертификати за познавање на странски јазик за стручниот и уметничкиот кадар во установите од областа на културата. Ваквиот услов, покрај тоа што претставува финансиско оптоварување за вработените, не придонесува за уметничките, односно стручните способности на кандидатот“, образложуваат од Министерството за култура.

Цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за филмската дејност, посочуваат од Министерството за култура, е да се овозможи и АПТИС, како меѓународен сертификат за познавање на странски јазик, да биде доказ за познавање на странски јазик за именување на директор на Агенцијата за филм.

М.В