/ Прочитано:

1.751

Во подготовка нов Закон за следење на комуникациите и нов Закон за оперативно-техничка агенција усогласени со препораките на Прибе

Министерството за внатрешни работа подготвува нов закон за следење на комуникациите во кој ќе бидат имплементирани препораките на група високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.

„Со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи доследна практична имплементација на препораките на група високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите“, образложуваат од МВР.

Покрај донесување нов закон за следење на комуникациите, МВР најавува и подготовка на нов Закон за оперативно-техничка агенција, со кој исто така ќе бидат имплементирани препораките на група високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.

Во владиниот план за реформи се предвидени и реформи на разузнавачките и безбедносните служби. Имајќи предвид дека станува збор за сеопфатна реформа, Владата во планот истакнува дека ќе обезбеди транспарентна и инклузивна дебата, во која процесот на консултации ќе биде соодветно спроведен. Започнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите, подготвување план за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации, се дел од посочените активности на Владата за реформите во областа на следењето на комуникациите.

Минатиот месец Владата на РМ на својата 31. седница, врз основа на заедничкото мислење на Министерството за информатичко општество и администрација, подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, донесе предлог Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски телекомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

„Владата донесе мислење Уставниот суд да ја запре постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за следење на комуникациите, зашто оваа иницијатива е парцијална и не ѝ приоѓа на оваа тема сеопфатно, при што пресретнува еден процес кој веќе е во одмината постапка“, образложија од Владата.

„Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за следење на комуникациите“, пропишува меѓу другото членот 175 од Законот за следење на комуникациите.

М.В