/ Прочитано:

1.454

Во подготовка се измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата чија цел е доследна примена на законските решенија

Министерството за внатрешни работи подготвува измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се уредуваат безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

Со предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, посочуваат од МВР, се врши содржинско односно нормативно-правно и техничко подобрување на текстот, со цел доследна примена на конкретните законски решенија, имајќи ја предвид досегашната практична имплементација на Законот.

„Со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи содржинско и нормативно-правно допрецизирање на законските решенија во правец на нивно унапредување и доследна практична имплементација. Во тоа се состојат и придобивките од предложените решенија, како соодветно и прецизно нормирање на законските решенија за предметните прашања, што би овозможило доследна практична имплементација на предметните одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, истакнуваат од Министерството за внатрешни работи.

М.В