/ Прочитано:

734

Во ССК обука за ГПРС фискалните каси

Четврток, 6 ноември 2014 – Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во соработка со Даночната академија на Управата за јавни приходи (УЈП), започна со обуки за компаниите членови на ССК, во врска со новите законски измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно за новите фискални каси кои преку ГПРС врска во секој момент се поврзани со УЈП.

„Интересот за обуката од страна на компаниите членови на ССК е голем, бидејќи практично им се појаснуваат новините во Законот за регистрирање на готовински плаќања. На денешната презентација компаниите се запознаа со основните права и обврски утврдени во Законот, потоа со начинот на регистрирање на готовински плаќања, како и со интегрираниот автоматски систем за управување. На компаниите присутни на обуката им беше презентирано практичното функционирање на ГПРС системот од технички аспект“, објасни Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Согласно законските измени, сите даночни обврзници кои во 2013 година оствариле промет над 10 милиони денари беа должни до 31 октомври 2014 година да набават и користат фискална каса или да ја надградат постојната фискална каса со ГПРС. Овој рок е задолжителен, независно од остварениот промет, и за даночните обврзници кои вршат угостителска дејност и за бензински пумпи. За сите останати даночни обврзници крајниот рок за набавка и користење на нова или надградба на постојната фискална каса е 31 јануари 2015 година.