/ Прочитано:

983

Водата е храна, козметиката и дрогата не се – Поимни (ре)дефинирања во Законот за безбедност на храната

Петок, 27 март 2015 – Предложени се нови измени на Законот за безбедност на храната. Овој закон има за цел да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и заштита на интересите на потрошувачите, информирање на потрошувачите во однос на храната, како и информирање за нутритивните и здравствени тврдења, се наведува во законското образложение, чиј предлагач е Владата. Исто така, во предложените измени се редефинира поимот „храна”, во кој се вклучува и водата.

Поимот „храна“ вклучува и вода

„Храна е секоја супстанција или производ, во преработена, делумно преработенаили непреработена состојба, наменет да биде или се очекува да биде консумиран за исхрана на луѓе. Со поимот „храна” се опфатени: пијалаци, гуми за џвакање и сите супстанции, намерно вградени во храната во текот на нејзиното производство, подготвување или преработка. Поимот „храна“ вклучува и вода, и тоа водата за пиење од системи за јавно снабдување со вода за пиење; водата која се употребува и/или вградува во храната во текот на нејзиното производство, подготовка или третман; како и природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода“, се вели во предложените законски измени.

Под поимот „храна” не се вклучуваат наркотични или психотропни супстанции

Во истата одредба, како што се определува, под поимот „храна” не се вклучува: храната за животни;  живи животни, освен тие што се подготвени за ставање во промет за исхрана на луѓе; растенија пред берба/жетва; медицински препарати кои се опфатени со прописите за лекови и ветеринарно-медицински препарати; козметички препарати кои се опфатени со прописите за козметички производи; тутун и производи од тутун кои се опфатени со прописите за тутун; наркотични или психотропни супстанции кои се опфатени со прописите за опојни дроги и психотропни супстанции и резидуи и контаминенти.“

Прецизирање на одговорностите на операторите со храна

Понатаму, со Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за безбедност на храната се врши прецизирање на одредбите во врска со информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и за одговорностите на операторите со храна во однос на  информациите поврзани со содржината на храната, односно со означувањето на храната.

Потоа, разработена е проблематиката во врска со нутритивните и здравствените тврдења, општите здравствени тврдења, како и здравствените тврдења за намалување на ризикот од болест и здравствените тврдења кои се однесуваат на растот и развојот на децата и нивното здравје, додатоците на исхрана, храна за посебна нутритивна употреба и збогатена храна.

Во однос на мониторингот за безбедноста на храната и храната за животни, се врши детално утврдување на барањата за негово вршење.

Со Законот за измени и дополнувања на Законот за безбедност на храната се предвидува формирање на Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, а со цел независен надзор на внатрешната ревизија на официјалните контроли.

Се уредува работата на лабораториите во однос на вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни, како и на материјалите и предметите што доаѓаат во контакт со храната.

Се прецизираат начинот, постапката и интензитетот на вршење на официјални контроли при увоз на храна и храна за животни.

Со измените се обезбедува правна рамка за воспоставување на Национален совет за безбедност на храна и храна за животни, како и воспоставување на Мрежа за собирање на податоци и база на податоци.

Задолжителни информации за храната

Во новиот предлог-закон се определува дека операторот со храна е должен на означувањето на храната да ги наведе следните задолжителни информации за храната: име на храната; список на состојките; секоја состојка или помошно технолошко средство што предизвикуваат алергии или нетолерантности кои се употребуваат во производството или во подготовката на храната и кои сè уште се присутни во крајниот производ, дури и во изменета форма; количество на одредени состојки или категории на состојки; нето-количината на храната; рок на трајност или датумот за „употребливо до“.

Се заоструваат казните

Во предложените законско решение има промени и во прекршочните одредби. Казните се заоструваат и изнесуваат и до 10.000 евра за непочитување и кршење на законските одредби.

Па така, глоба во износ од 10.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице ако не започне итна постапка за повлекување на храната што не е во согласност со барањата за безбедност на храната и ако не го извести надлежниот орган за тоа или ако не ги информира потрошувачите за причината поради која се повлекува храната и ако не ја повлече храната со која се снабдени.

Истата казна е предвидена за правното лице ако во рамките на неговите соодветни активности не започне постапка за повлекување од промет на храната која не е во согласност со барањата за безбедност на храна и ако не даде свој придонес за безбедност на храна со давање релевантни информации неопходни за следење на храната, како и ако не соработува во активностите преземени од страна на производителите, преработувачите, обработувачите и/или од надлежните органи.

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната

М.В