/ Прочитано:

1.844

Воз во близина на Велес прегази 14 мигранти: машиновозачот немал услови да го сопре возот, информираат од Обвинителството

Четврток, 24 април 2015 – Во близина на Велес синоќа околу 22.30 часот меѓу железничките станици „Рајко Жинзифов“ и „Пчиња“, меѓународен воз, кој сообраќа на релација Солун – Белград, прегазил 14 емигранти.

Основен јавен обвинител од Велес заедно со увидна екипа на СВР Велес и со медицински лица од амбулантата за Брза помош во Велес излегле на местото на настанот и извршиле увид, при што е констатирано дека на пругата се усмртени 14 лица. Повредени лица не се затекнати на местото на настанот. Телата на загинатите, како што информира Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес, се наоѓаат во капелата на градските гробишта во Велес. Стојковска додава дека осум мигранти се приведени и се наоѓаат во Полициската станица во Велес, а имало и поголема група мигранти кои побегнале од местото на несреќата.

Основното јавно обвинителство Велес информира дека од првичните сознанија добиени од групата од десетина лица, кои од непристапниот околен шумски терен се приближиле до пругата, при вршењето на увидот добиени се сознанија дека се работи за мигранти од Сомалија и од Авганистан кои се движеле по пругата во група и во моментот кога го слушнале звучниот сигнал тие успеале да го избегнат ударот на возот скокајќи од пругата во околниот простор.

„Според машиновозачот на патничкиот експресен воз бр. 334 кој сообраќа на релација Гевгелија-Белград движејќи се во правец кон Скопје, по изминувањето на железничката станица „Рајко Жинзифов“ на околу 50-100 метри пред возот, забележале поголема група, која броела повеќе десетици лица, како стои или оди по пругата. Во тој момент машиновозачот презел дејствие на интензивно сопирање на возот и вклучил звучен сигнал при што дел од лицата што се наоѓале на пругата избегале, додека, пак, дел од нив останале. Поради неможноста на толку кусо растојание да сопре возот, удрил во нив, при што некои се прегазени. На растојание од околу 100-150 метри од ударот возот запрел и веќе е онеспособен за натамошно движење поради оштетувањата настанати од несреќата“, стои во соопштението од ОЈО Велес.

Обвинителството ја продолжува истрагата, посочуваат оттаму.