Програмата на овие втор циклус студии се реализира пет години и е дизајнирана од експерти од оваа област од Франција и од Македонија. Од 2010 година на студиите се запишале 276 постдипломци.
Двојните дипломи, од Скопје и од Стразбур, на новата генерација им ги врачија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорката на Франција Лоренс Оер и деканот на Правниот факултет Борче Давитковски.
Канческа-Милевска истакна дека добивањето висококвалитетен кадар во сферата на интелектуалната сопственост е можеби најголема инвестиција во унапредување на заштитата на научното и уметничкото творештво на една земја.
„Интелектуалната односно индустриската сопственост и авторското право и сродните права, заедно со образованието, културата, правосудството, економијата, телекомуникците и другите политики се индикатори за степенот на развој на општеството на секој план. Улогата на овие млади, стручни кадри во спроведувањето на ефективно и транспарентно остварување на авторските и сродните права е од есенцијално значење за нашата држава која настојува да биде дел од институциите на Европската унија“, рече министерката за култура.
Таа посочи дека во Законот за авторското право и сродните права од 2010 година и во двете негови измени од 2011 и 2013 година се инкорпорирани сите меѓународни правни регулативи и стандарди и дека законот бил позитивно оценет од меѓународната заедница.
Амбасадарорката Оер истакна дека правото на интелектуална спственост е актуелна тема зашто таа ја штити креацијата, ги штити делата и им дозволува на авторите да ги соберат резултатите на својот труд.
„Потрагата по баланс помеѓу заштитата на интелектуалната сопственост и еволуцијата на технологијата и знаењето е предизвик во светот – и за авотрите и за политичарите, како и за правниците. Франција постојано се бори во оваа област зашто интелектуалната сопственост овозможува сигурност на правото на уживање од плодовите на делата, но претставува и додадена вредност на самото производство“, рече Оер.
Деканот Давитковски додаде дека кадарот во оваа област ќе и биде од голема полза на Владата на РМ кога со ЕУ ќе ги почне пристапните преговори, затоа што едно од поглавјата е токму заштитата на интелектуалната сопственост.
Давитковски е задоволен е од соработката Амбасадата на Франција која е интензивирана во последните години и резултирала со повеќе проекти. Ја соопшти и нивната нова идеја – да развијат мастер-студии и со Универзитетот Сорбона, по примерот на оваа соработка со Стразбур, со тоа што исто така би се добивала двојна диплома, на македонски и на англиски јазик.