/ Прочитано:

913

Вранишковски останува во затвор — ОЈО поднесе жалба

Понеделник, 19 јануари 2015 – Обвинителството за организиран криминал во последен момент поднесе жалба на одлуката за условен попуст на Јован Вранишковски. Иако се очекуваше дека тој денеска ќе го напушти затворот Идризово,  oд Обвинителство кое наведуваат дека се променети околностите кои укажуваат дека осудениот може во иднина да врши кривични дела и со тоа нема да ја оправда довербата која му е дадена со условниот отпуст.

„На 12 јануари 2015 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го прими Решението на Основниот суд Скопје со кое судот одлучи да го уважи предлогот на Директорот  на КПУ Идризово за условен отпуст на осудениот Вранишковски.

Таквото решение беше предмет на  целосна анализа на околностите и оцена во надлежното обвинителство и при тоа се утврди дека истотото е законито. Со ваквата своја оцена ја запозна и македонската јавност, но истовремено не се откажа од правото на Жалба.

Обвинителството смета дека треба да се преиспитаат околностите за условен отпуст на осуденото лице, како и дали ќе се постигнат целите на условниот отпуст . Истовремено обвинителството ги ценеше околностите кон овој кривично правен предмет и вообичаената досегашна пракса за должината на отпустот.

Воедно смета дека се променети околностите кои укажуваат дека осудениот може во иднина да врши кривични дела и со тоа нема да ја оправда довербата која му е дадена со условниот отпуст, па затоа во законскиот рок се поднесе жалба против решението на судот, а која жалба ќе се цени во повисокиот суд“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Пред само десетина дена, пак, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција излезе со соопштение во кое се вели дека  сметаат дека се исполнети законските услови за примена на условен отпуст за Вранишковски. Оттаму исто така посочија дека Вранишковски, кој е правосилно осуден на единствена затворска казна  од пет гонини и пет месеци, досега издржал вкупно 36 месеци затвор, што значи дека издржал половина од затворската казна на која што е правосилно осуден. „За време на издржувањето се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред  во затворот, при што ги извршувал и работните обврски“.

„Воедно од осудениот со правосилна пресуда конфискувана е во корист на оштетената Македонска Православна Црква непосредната и посредната имотна корист која била прибавена со кривичното дело на осудениот. И тоа конфискувани му се вкупно 4 940 400 денари, а од друга страна во корист на оштетената Македонска Православна Црква конфискуван е и недвижен имот – земјиште во м.в. Голема нива, запишано во имотен лист  во К.П Нерези со површина од вкупно 4859 м2.

Имајќи во предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена , Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови спрема осудениот Јован Вранишковски да се примени институтот Условен отпуст“, се наведува во соопштението кое беше објавено на 12 јануари.

Барање за ослободување на Вранишковски поднесе директорот на затворот „Идризово“, а барањето за ослободување на Враншковски побара и Синодот на МПЦ заради повисоки цели.