/ Прочитано:

1.878

Вредностите на правната држава и демократскиот развој треба да бидат негувани од сите правници – МАЈА ВЕЉАНОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕЛСА РМ

Вредностите на правната држава и демократскиот развој се вредности што треба да бидат негувани од сите правници бидејќи тие се темелите на добро владеење на правото. Преку нашите обуки, работилници и настани, постојано ги потсетуваме нашите членови за важноста на негувањето на тие вредности и за нивна постојана промоција. Негувањето на вредностите секогаш резултира со почитување на прописите, а тоа е од супстанцијално значење за секој што треба да го заштитува правниот поредок, вели во интервјуто за Академик, Маја Вељанова, која на последното Генерално собрание на ЕЛСА – Република Македонија беше избрана за претседател на оваа организација, основана на 1997 година во Скопје од група млади ентузијасти, студенти по право.

На последното Генерално собрание на ЕЛСА – Република Македонија бевте избрана за претседател. Какво е вашето претходно искуство во оваа реномирана студентска организација која на европско ниво, преку своите ограноци, брои преку 40 илјади членови?

Пред да одговорам на ова прашање, сакам да раскажам еден сегмент од мојот живот. Кога за првпат зачекорив на Правниот факултет ,,Јустинијан Први”, видов група членови на ЕЛСА кои ги информираа студентите за својот настан ,,Фрешерс камп”. Тоа е настан што традиционално секоја година го организира ЕЛСА, со цел да регрутира нови членови, да им ги презентира придобивките од членувањето, да ги информира повеќе за своите активности и сл. Решив да одам и отидов. Тоа беше мојот почеток во ЕЛСА.

Првите две години често, односно речиси секогаш, бев дел од настаните што ги организираа, но како што поминуваше времето, посакав и јас да придонесам нешто за ЕЛСА. Како што често умеат да кажат членовите на одборот: ЕЛСА не треба да се сфаќа како организација од која членовите имаат само право да ги ползуваат придобивките, туку и како организација во која членовите имаат и (морални) обврски: да придонесуваат за унапредување на организацијата со тоа што ќе се вклучат активно во неа. Имаше објавено повик за директори на ЕЛСА и се пријавив, а по интервјуто бев избрана за директор за академски активности 2014/2015. Тогаш активно се вклучив во одредени активности кои ги организираше ЕЛСА. Имено, заедно со уште пет други членови направив брошури за Законот за пристап до информации од јавен карактер и Законот за бесплатна правна помош. Со цел да се исполни целта за која ги направивме брошурите, во рамките на ,,Проектот за јакнење на судството”, во соработка со УСАИД, а како една од активностите предвидени за тековната година во рамките на Советот за владеење на правото (чија членка е ЕЛСА), организиравме настани за промоција на брошурите во основните судови во Прилеп, Битола, како и на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје и Тетово. Исто така, бев дел и од истражувачката група која во соработка со Советот на Европа направи истражување за правната рамка за социјалните права кои може да ги ползуваат граѓаните на Република Македонија, во колкава мера се остварливи (дали се лесно остварливи или има тешкотии), како и оцена на нивото на почитување на Европската конвенција за социјални права. Човековата психологија е многу интересна работа, секогаш кога ќе добиеме нешто што го посакуваме, посакуваме повеќе и повеќе… Кога беше објавен повикот за нов управен и надзорен одбор, се кандидирав за претседател и на Генералното собрание без изгласана од страна на членовите што беа присутни. Не сакам да ветам ништо сега, но знам дека ќе има за што да зборуваме во иднина бидејќи имам многу идеи кои сакам да ги реализираме (тимски, целиот одбор заедно) годинава.

Визијата на ЕЛСА е „Праведен свет каде што има почит за човечкото достоинство и културната разноликост“. Кои се вашите идни планови во насока на придонес кон остварување на оваа цел?

ЕЛСА е Европско здружение на студенти по право, која преку својата визија ги објаснува вредностите што ги негуваме ние. Членовите во нашата организација се студенти по право, кои во иднина преку своите знаења и вештини ќе се борат за правдата. Да се биде правник е благородна професија која подлежи на голема правна, морална и етичка одговорност. Ние постојано организираме настани чија цел е зголемување на капацитетите, односно знаењето на нашите членови, а за таа цел ангажираме експерти што ги информираат нашите членови за практичниот дел. Навистина сметаме дека не е доволно еден студент по право да го знае само она што го пишува во книгите, иако тоа треба да биде единствена водилка во иднина, при преземање на своите дејствија, туку и да види како е оживотворено тоа во практиката, со цел да ги идентификува клучните слабости и во иднина да работи на подигнување на свеста и подобрување на состојбата во практиката. Секоја промена што сакаме да ја видиме во општеството, треба да започне со лични вложувања, односно да почнеме од себе, па да го промениме несоодветното однесување на другите. Многумина велат дека фразата ,,праведен свет” е идеал што не се постигнува, но ние велиме дека сѐ додека тоа е доминантно мислење – нема да има големи промени. Промената на менталната свест е многу потешка од која било промена на законските прописи, а тоа може да се заклучи и од следниов пример: правда е и кога ќе го изгубите спорот, а речиси никој не признава дека правдата е задоволена бидејќи не победил… Ние ги учиме членовите да ги подучуваат идните клиенти дека правдата не може да се изедначува со личните очекувања.

На кој начин ЕЛСА придонесува за подобрување на квалитетот на студентскиот живот на своите членови?

Европското здружение на студенти по право е најголема меѓународна, независна, неполитичка, непрофитна организација на студенти по право, која е создадена од студентите за студентите. Членувањето во неа, само по себе, е преголема бенефиција за секој член бидејќи таа е високо вреднувана на меѓународно ниво. ЕЛСА организира семинари, конференции, работилници и истражувања на стручни теми со цел да ги обучи своите членови или да се искористат нивните интелектуални способности при спроведување на истражувањата. Една од можеби најинтересните придобивки е можноста за одење на пракса во странство, која е овозможена преку програмата СТЕП. Така, студентите по право одат одреден период во некоја од државите во која има можност за пракса и го збогатуваат своето знаење во поглед на компаративно искуство, како и надградување на своите вештини. Според мене, нешто што е најдрагоцено и вечно се пријателствата што се стекнуваат со студенти по право од четириесет и една земја во светот. Непроценливо е да имаш пријател што студира иста насока како тебе и да можете да разменувате мислења. На тој начин се прошируваат  погледите на секој од нас и размислуваме пошироко. ЕЛСА е мост меѓу академското образување и професионалниот живот, таа е елитен стил на живеење на секој студент по право.  Преку своите активности ние го подобруваме квалитетот на студентскиот живот на нашите членови. Покрај гореспоменатите активности, ЕЛСА има поле на кое членовите можат да ја изразат својата критичка мисла и да ја споделат со другите, а тоа е преку списанието „Јустиција“.

Колку сметате дека сте успешни во поттикнувањето на студентите по право и на младите правници да дејствуваат за промовирање на вредностите на правната држава и демократскиот развој?

 Вредностите на правната држава и демократскиот развој се вредности што треба да бидат негуваат од сите правници бидејќи тие се темелите на добро владеење на правото. Преку нашите обуки, работилници и настани, постојано ги потсетуваме нашите членови за важноста на негувањето на тие вредности и за нивна постојана промоција. Негувањето на вредностите секогаш резултира со почитување на прописите, а тоа е од супстанцијално значење за секој што треба да го заштитува правниот поредок (студентите по право кои во иднина ќе бидат: судии, јавни обвинители, адвокати и сл.)

 ЕЛСА секоја година организира летни школи, каде се одржуваат тие годинава и на кои теми?

Да, ЕЛСА организира летни школи на меѓународно ниво, па студентите можат да изберат да одат на една од 36-те летни школи кои ги организираат националните/локалните организации ЕЛСА. Тоа е навистина прекрасна можност да се поминат седум дена во текот на летото за да се инвестира во себе и да се збогати знаењето на секој учесник. Темите се различни, па така има летни школи на следниве теми: Право и информатичка технологија, Интелектуална сопственост, Правни предизвици на 21-от век, Меѓународно даночно право, Корпоративно и финансово право, Арбитража, Меѓународно трговско право, Тероризам и организиран криминал, Банкарство и финансии, Медицинско право, Човекови права и глобализација и сл. Сите од наведените летни школи се во странство, поточно во: Женева, Сараево, Солун, Виена, Задар, Порто, Ротердам, Лисабон, Малта и сл. За жал, досега ЕЛСА на Република Македонија нема организирано летна школа, но тоа е еден од предизвиците за новиот одбор и се надеваме дека наредното лето и ние ќе се најдеме на листата за летни школи. Покрај летните школи, секоја зима се организираат и зимски школи на кои може да учествуваат членовите на ЕЛСА.

Со оглед дека уписите на факултетите во земјава се во тек, може ли да им објасниме на идните студенти, како може да се стане член на ЕЛСА?

Како и во речиси секоја организација, член се станува со плаќање на членарина. Членарината е 400 (четиристотини) денари, но во текот на годината правиме и пакет ,,членарина и котизација за некој настан”, па членарината е 300 денари во тој случај. Електронското зачленување и плаќање е новина и може да се направи на нашата интернет-страница: www.elsa.mk.

Споменавте дека ЕЛСА е членка на Советот за владеење на правото. Може ли да ни кажете нешто повеќе за оваа мрежа на македонски граѓански организации и за нејзините цели?

Мрежата ја сочинуваат ЕЛСА, Македонското здружение на млади правници, Здружението на судска администрација и Коалицијата ,,Сите за правично судење”, која го основаше Советот на 5-ти јули, 2013 година. Клучна цел ни е промовирањето на владеењето на правото во Република Македонија. Советот се залага за правни реформи, судска независност, ефикасност и отчетност, да ја следи ефикасноста на институциите на правосудниот систем и сл. Формирањето на Советот беше инспирирано од една студиска посета во Шведска и Естонија во април, 2013 година. Навистина премногу сме благодарни на Проектот на УСАИД за јакнење на судството бидејќи постојано вложуваат и ни помагаат за унапредување на работата на Советот. Во моментов сме во фаза на изработка на нов акционен план на Советот за наредните две години и ги утврдуваме активностите што ги планираме за во иднина.


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 2.9.2015