/ Прочитано:

1.925

Врховен суд: Граѓаните што останаа без станови во аферата „Фиком“ и без право на отштета

Среда, 8 јануари 2014 – Врховниот суд ги преиначи пресудите на Основниот суд Скопје 2 и на Апелациониот суд за аферата „Фиком“, кои беа во прилог на оштетените граѓани што уплатиле за станови во зградата „Николина“ и ја уважи ревизијата на тужената Еуростандард банка АД Скопје, пишува Дневник.

Дваесет скопјани, двајца битолчани, еден струмичанец, како и скопските фирми „Kонкрит МБ Тимо ДООЕЛ “ и економско-правниот консалтинг „ФВ Трендафилка и други ДОО“ бараа да се огласи како ништовен и да не произведува правно дејство договорот за залог во форма на нотарски акт од 2005 година врз недвижност на заложните должници, тужените скопјани Трајко Тасиќ, Љубинка Радомировиќ, Наташа Божиновска и Здравко Тамбулевски, кои се сопственици на земјиштето каде што требаше да се изгради зградата „Николина“. Тужителите вложиле пари во фирмата „Фиком“, која со парите требаше да изгради зграда на земјиштето на тужените. Тие бараа и да се наложи бришење на запишаната хипотека на недвижниот имот.

Еуростандард банка, пак, во 2005 година со нотарски акт засновала заложно право во корист на „Фиком“. Со одлука на стечајната управничка Весна Спирковска од 2007 година „Фиком“ отиде во стечај, па измамените граѓани ја обвинија банката дека хипотеките што ги има над зградите на „Фиком“ се фиктивни.

 Според пресудата, Врховниот суд наоѓа дека при одлучувањето пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање и го огласиле како ништовен и да не произведува правно дејство договорот за залог во форма на нотарски акт од 27 декември 2005 година на нотарот Нада Палиќ.

 „Врховниот суд смета дека погрешен е заклучокот на пониските судови имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба дека ниту тужените Трајко Тасиќ, Љубинка Радомировиќ, Наташа Божиновска и Здравко Тамбулевски, како сопственици на градежното земјиште, ниту тужениот „Фиком“ ДОО, како хипотекарен должник, не се и не можат да бидат идни сопственици на станбено-деловниот објект изграден во фаза на отворена карабина „ Николина“, пишува во пресудата.

 Судиите во Врховниот суд велат дека околноста што тужителите склучиле договор за здружување средства за инвестициска градба со „Фиком“ не им дава право да сметаат дека Тасиќ, Радомировиќ, Божиновска и Тамбулевски не се сопственици на идниот објект.

„Правото да склучува такви договори „Фиком“ го добил токму од тужените и тоа да ги склучува во нивно име, а за своја сметка, и тоа само за делот од објектот – иден објект, кој ќе му припадне на „Фиком“ во согласност со нивниот договор“, стои во пресудата.

 Исто така, погрешен е заклучокот на пониските судови дека тужените, освен Еуростандард банка, не може да бидат хипотекарни должници бидејќи не се сопственици на недвижностите.

 „Предметниот договор за залог не е спротивен за Законот за договорниот залог, а како таков не е ништовен во согласност со Законот за облигационите односи. Неспорен е фактот на постоење на правото на сопственост на хипотекарните должници, како и фактот дека одобрението за градење и правните последици не гласат на име на тужителите, туку гласаат на име на Тасиќ, Радомировиќ, Божиновска и Тамбулевски, па со тоа со сигурност се заклучува дека тие се всушност сопственици на станбено-деловниот објект, а со тоа и уредни должници“, сметаат од Судот.

 Врховниот суд во пресудата донесена неколку дена пред Нова година им наложи на тужителите да ~ ги надоместат трошоците на Еуростандард банка за извршената ревизија во износ од 131.000 денари, кои ќе бидат присилно наплатени ако отштетата не биде исплатена навреме.