/ Прочитано:

1.637

ВТОР ИЗВЕШТАЈ ЗА СКОПЈЕ 2014: Фаворизирање фирми и прекумерна наплата на споменици

Четврток, 28 ноември 2013 – Осум милиони евра повеќе отколку што треба, платила Општина Центар за споменици за проектот Скопје 2014, се посочува во вториот извештај за ревизијата на проектот по барање на градоначалникот на општината Андреј Жерновски.

Според вториот извештај кој не е финален, за  11 споменици општината на одредени фирми им платила околу 8 милиони евра повеќе од она што реално било понудено.

Комисијата задолжена за подготовка на Извештајот, забележала дека се фаворизирале фирми, како што е случајот со две италијански фирми поврзани преку сопственикот Фернандо Маринели. Понатаму, останатите учесници на различни начини биле исклучувани од постапката, па така овие фирми ги изработиле сите споменици во периодот од јуни 2008 до јуни 2010, иако останатите понудувачи имале драстично ниски цени.

 „Доколку се споредат цените на понудите во осумте случаи кога овие фирми ги добиле тендерите се добива разлика од 4, 228 милиони евра. Во просек понудите на фирмите на Фернандо Маринели за два ипол пати односно за 153 проценти. Во сумата од 4, 228 милиони евра не е влезена пресметката за трие останати објекти Воин на коњ, лавови десно и Цар Самоил бидејќи таму и нема други понудувачи. За овие три споменици општината платила 3, 770 илјиади евра повеќе од реалните, што значи дека за наведените 11 споменици општината на овие фирми им платила околу 8 милиони евра повеќе од она што реално било понудено“, вели Драган Малиновски од Комисијата за ревизија на Скопје 2014.

Комисијата која работи на ревизијата констатирала неправилности при јавните набавки за изработка на модели, притоа авторите давале нејасни пресметки и речиси сите автори давале слични примери на пресметки, што укажува дека имало извесно координирање меѓу авторите и општината. Потоа во извештајот се наведува дека едно се договарале, а друго се правело. Како што е примерот со споменикот  „Воин“.

Иако првично требало да има една фонтана и еден споменик, потоа тоа прераснало во комплекс со четири фонтани и неколку споменици, за што авторката Валентина Стевановска добила сума од 1,5 милиони евра. Но има и обратна ситуација кога се изградило и помалку од договорено, како што е пример со лавовите на мостот Гоце Делчев. И двата типа на лав се предадени со помалку релјефна површина. Тие за релјефите побарале по 1.500 евра по метар квадратен, а предале површини помали за 5, 92 метри квадратни, со што од општината неосновано наплатиле 17, 760 евра.

Забележан е и пример кога споменици правеле фирми који не биле регистрирани за таа дејност. Така Цар Самоил и Методија Андонов Ченто го правела фирма која меѓу другото  се занимава со трговија на мебел и предмети за уредување и орнаменти, гоблени и везови.