/Прочитано:

1.598

Втора од третиот циклус студентски обуки – практични вежби од кривичното право

Во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик вчера се одржа втората од третиот циклус студентски обуки посветени на прашања од кривичното право.

На вчерашната практична обука од областа на кривичното право пред големиот број студенти по право и млади правници се говореше за истражната постапка, обвинителниот акт и оцена на обвинителниот акт и  скратената постапка.

Судијата Огнен Ставрев од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој има долгогодишно искуство во кривичната област, работејќи на значајни и тешки случаи од организираниот криминал, на почетокот од своето предавање се осврна на наредбата за спроведување на истражната постапка, за која истакна дека содржи лични податоци на осомничениот, опис и правна квалификација на делото.

Елаборирајќи го постапувањето на јавниот обвинител во однос на наредбата и надлежностите на судијата на претходна постапка по донесувањето на наредбата за спроведување на истражната постапка, судијата Ставрев посочи дека јавниот обвинител ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за даможе да подигне обвинение.

Во таа насока, судијата детално говореше за поднесувањето на обвинение по завршувањето на истражната постапка, поднесувањето на обвинителниот акт, содржината на обвинителниот акт, определувањето на притворот, постапувањето со осомничениот, основите за одбивање на обвинителниот акт, како и за скратената постапка и нејзинотоповедување и тек во согласност со Законот закривичната постапка.

Целта на практичните обуки за студентите по право е да се надгради академското знаење на студентите и да се подобрат нивните практични вештини, како услов за нивно подобро профилирање во правничката професија.

На вчерашната а обука студентите можеа да стекнуваат исклучително корисни практични знаења од областа на кривичната постапка. Ваквата можност за нас, велат студентите по право и младите правници, претставува многу важен придонес во академското надградување и практичната правничка едукација.

„Навистина е корисно да се биде дел од ваков едукативен настан, особено што се говори за прашања од практична природа, но и за теми што се мошне актуелни.  Обуката беше одлично реализирана, судијата Ставрев имаше инспиративно предавање. За нас како студенти по право и млади правници, многу е значајно да се истакнат практичните аспекти на примената на кривичното законодавство, особено на неговиот процесен дел каде што и најмногу доаѓа до израз. Обуката беше проследена со примери од практиката, со реализација на практични вежби и со интерактивна дискусија. Сите циклуси на практични обуки во организација на Академик се од извонредна корист за нашето академско надградување и понатамошен развој како правници, адвокати, судии, обвинители или пак како дел од јавната администрација.“