/ Прочитано:

2.703

Второ рочиште за случајот против Павле Богоевски

Денеска продолжува судењето на активистот на Шарената револуција Павле Богоевски, кој според обвинението се товари за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Павле Богоевски, Шарена револуција

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје за денеска е закажано второто рочиште за случајот против Павле Богоевски, активист на Шарената револуција, обвинет за учество во толпа која предизвикала материјална штета врз зградата на Министерството за култура за време на протестите. Денеска во Кривичниот суд треба да дојде и лице од Министерството за култура, кое треба да даде исказ за настанатата штета.

Во текот на вчерашниот ден преку социјалните мрежи активистите на Шарената револуција се организираа и закажаа собир пред зградата на Кривичниот суд пред почетокот на судското рочиште со цел да му дадат поддршка на Богоевски.

Првото судско рочиште беше одложено поради нецелосниот обвинителен акт – Обвинителството не ја навело висината на предизвиканата штета.

По одложувањето на првото судско рочиште, Богоевски истакна дека судскиот процес против него е доказ за прогонот на демонстрантите од страна на власта и нагласи дека ќе одговара само доколку поранешниот премиер Никола Груевски одговара за делата за кои е осомничен од страна на Специјалното јавно обвинителство.

А. Б.