/ Прочитано:

4.966

XII Редовно годишно собрание на Здружението на судиите на Република Македонија

Денеска во Македонската академија на науките и уметностите се одржа XII Редовно годишно собрание на Здружението на судиите на Република Македонија.

На денешното Годишно собрание се говореше за активностите на Здружението на судиите во изминатиот период и за активностите кои ќе се преземат во насока на зацврстување на улогата на Здружението во идниот период и воедно  се разгледуваше Извештајот за работа на Здружението на судиите, предлогот за изменување и дополнување на Статутот на Здружението на судиите на Република Македонија, финансискиот извештај на Здружението и записникот од одржаното вонредно собрание на Здружението кое се одржа минатата година.

Претседателот на Здружението на судии, д-р Џемали Саити, истакна дека Здружението во изминатиот период направило многу за јакнењето на неговата улога во општеството и правосудството, но и дека е потребно да се направи уште многу повеќе во насока на подобрување на професионалноста и општествениот статус на судиите како постојана заложба на Здружението.

Саити, исто така, потенцираше дека Здружението изминатата година особено се фокусирало и на неговата транспарентност, што ќе биде и иден предизвик на Здружението на судиите на РМ, кој ќе најде свој одраз и во реформите во судството, кои исто така мора да бидат транспарентни.

На денешниот настан беше подвлечено и дека Здружението на судии е особено активно и во поглед на меѓународната соработка. Таквата соработка, истакна судијата проф. д-р Лазар Нанев, е потенцирана и од страна на шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

Потенцирајќи ја успешната соработка со Здружението на судии, ЕУ-амбасадорот Жбогар во пресрет на Годишното собрание на судиите нагласи дека независното судство како коректив на моќта е клучно за демократијата и во таа насока Здружението на судии има исклучителен придонес.

Како што беше понатаму констатирано на денешниот настан, во извештајниот период, активностите на ЗСРМ се водени од Програмата за работа и генерално се фокусирани на неколку поважни категоријални прашања.

Тие прашања се: релевантноста, која значи афирмација на позицијата на Здружението пред членството и правосудниот сектор, потоа довербата  кај самото членство, партнерите и општата јавност, партнерскиот однос кон другите власти, институции и невладиниот сектор и градењето организациско-  технички капацитети.

Здружението на судии, беше подвлечено на Годишното собрание, имаше и бројни активности во смисла на организација на форуми и конференции посветени на независноста на судството и судиската етика, како и подготовка на анализи за правосудни теми и издавање на стручното списание „Судска ревија“.

Во рамките на определбите за соработка и партнерство, на маргините на Првата меѓународна судиска конференција одржана во Охрид, на 28-29 октомври 2016 година, по иницијатива на претседателот на ЗСРМ, беше усвоена Охридската декларација, како иницијален документ за креирање на регионална мрежа на судии, од земјите учеснички на оваа конференција (Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Хрватска, Словенија и Косово), како институција која ќе овозможи регионален пристап до прашањата кои се однесуваат на судската независност, статусот на судиите, платите и прашањата на судскиот интегритет. Основите на оваа декларација почиваат врз повеќе меѓународни акти и документи, меѓу кои и Брионската изјава.

M.В