/ Прочитано:

1.580

Зa 10 месеци, над 350 лица лежеле в затвор за да не плаќаат глоба

Четврток, 2 октомври 2014 – За десет месеци од 2014 година вкупно 359 лица што биле осудени со парична казна, односно дневна глоба во Кривичниот суд во Скопје побарале наместо да платат, да лежат в затвор, пишува „Телеграф“. 

Како што велат од Судот за „Телеграф“, барањето за замена на казните доаѓало најчесто од лица осудени за помали кривични дела во кои се досудувале помалку дневни глоби, што значи и помалку денови поминати в затвор.

Немање средства за плаќање на казната, е најчестата причина што ја наведуваат лицата што се осудени на парична казна, па наместо тоа подготвени се неколку дена да поминат в затвор отколку да платат.

Според законот, една дневна глоба која изнесува 20 евра, се заменува со еден ден затвор, додека три часа општокорисна работа, доколку е досудена таква санкција, може да се преиначи во еден ден затворска казна. Кога судечкиот судија определува парична казна, лицето што е осудено може да побара казната да ја плати и на рати.

Ваква одлука судијата може да донесе доколку тоа го побара осудениот поради тоашто нема доволно средства да ја плати казната. За да му биде усвоено барањето, тој треба да достави докази дека е невработен, дека е семеен човек, дека има малолетни деца кои ги издржува и слично, како и да поднесе барање за плаќање на казната на рати.