/ Прочитано:

6.340

„ЗА АДВОКАТИТЕ ПРАВНАТА СИГУРНОСТ Е ПРЕД СÈ“ – Претседателот на АКРМ со остри критики за опструкциите на Законот за нотаријатот од страна на нотарите и министерот за правда

Нотарите на штета на граѓаните го опструираат Законот за нотаријатот, Здружението на работодавачи го промовира и поттикнува надриписарството, а министерот за правда, спротивно на прописите, со своето толкување на Законот за нотаријатот се става во улога на највисок законодавен орган во државата.

Ова го истакна денеска претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Никола Додевски, на денешната прес­конференција на која, исто така, истакна дека се неосновани тврдењата дека адвокатската награда и адвокатската дејност го отежнуваат работењето на стопанските субјекти. ­

Во таа насока, Додевски истакна дека стопанските субјекти кои имаат договори со адвокатите, во врска со плаќањето според адвокатската тарифа, презентираат потврда пред нотарот со која докажуваат дека веќе имаат договорно плаќање за одреденото дејство што адвокатот го дал во рокови и услови како што меѓусебно се договориле тој и правниот субјект.

„Не се признаваат т.н. паушални договори со кои се прави обид да се изиграат адвокатските награди и даночните обврски на адвокатите, ако е тоа овозможено од страна на нотарите. ­ Стопанските субјекти можат непречено да ги користат адвокатските услуги, слободно да ги извршуваат своите активности и зависно од нивната економска способност да договараат кога и на кој начин ќе ја плаќаат адвокатската награда“, нагласи Додевски.

Додевски подвлече дека некоректни и манипулативни се и тврдењата дека новите законски решенија се одразувале врз вработувањето на правниците. Апсурдно е да се тврди дека за два платни налози некој вработува правник. Адвокатурата, нагласи Додевски, е таа што вработува најмногу правници и тоа се лесно проверливи податоци. Говорено низ статистички бројки, претседателот на АКРМ посочи дека само минатата година близу 570 правници биле вработени од страна на адвокатите. Правниците со новиот Закон за нотаријат, нагласи Додевски, не ја губат работата како што тврдат некои стопанственици, туку напротив, добиваат.

Претседателот на АКРМ упати и критика кон Здружението на работодавачи, за кое истакна дека со најавите за подготовка на законски измени и изјавите во таа насока го поттикнува надриписарството кое е кривично дело.  Здружението на работодавачи, вели Додевски, упорно во повеќе наврати дава изјави кои, според наше видување, се барања за легализирање на надриписарството.

Во врска со Законот за нотаријатот, Додевски подвлече дека нотарите на штета на граѓаните го опструираат законот, а министерот за правда со своето толкување на законот, спротивно на законодавството, но и уставното уредување на Република Македонија, се ставил во улога на зaконодавец. Имено, рече Додевски, автентично толкување дава исклучиво Собранието, а не извршната власт и тоа е нешто што секој правник го знае. Веројатно и затоа толкување има и потпис само од министерот. Според толкувањето на министерот, адвокатите не треба да ги составуваат приватните исправи за договорите за залог, што е спротивно на она што е пропишано во Законот за нотаријатот и што, всушност, претставува цел на законот, а тоа е зголемена правна сигурност.

Додевски, исто така, истакна дека АКРМ побарала и од Владата на Република Македонија да се повлече толкувањето на министерот, кое не само што е проблематично од формално-правен аспект, туку е и спротивно на интересите и правата на граѓaните гарантирани со Законот за нотаријатот, но и со Уставот на Република Македонија. АКРМ упатила и допис до Нотарската комора на Република Македонија.

„Со цел да се одбрани поредокот, и тоа поединечно од еден министер, АКРМ упати и барање до Владата, во кое се наведува дека министерот за правда излегува од своите ингеренции, со што се става во заштита на една мала група нотари, кои не може да се помират со фактот дека адвокатите го добиваат она што им беше одземено“, нагласи Додевски.

„За жал, нотарите продолжуваат да го опструираат работењето на адвокатите според новиот закон. Дури има и такви дегутантни појави како нудење пакет-услуги од страна на нотари со готови договори и печати за минорни суми, што не само што не е дозволено туку претставува и кривично дело. Законот за нотаријат е донесен во транспарентна процедура на која ѝ претходеа низа јавни расправи во кои беа вклучени нотарите и адвокатите. Беспрекорно функционира и уште подобро би функционирал ако ги нема опструкциите од нотарите, здружението што го спомнав, а во кое е очигледно лобирањето на нотарите, како и од поединци кои се непријатели на адвокатурата“, подвлече Додевски, додавајќи дека сите нелегални појави во однос на примената на законот лесно ќе бидат откриени.

„Во интерес на граѓаните, бараме и  менување на системот на нотаријатот и негово враќање во судовите. Улогата на нотарите, како што е во многу земји, треба да биде само сертифицирање на потписите, а судските надлежности треба да бидат на судовите, а не на нотарите кои очигледно немаат друг интерес освен  да ја опструираат работата на адвокатите“, истакна Додевски.

Од тие причини, додаде Додевски, оставинската постапка треба да се врати во судовите. Проблемите настануваат со тоа што пред нотарите се води оставинска постапка.  Каде е тука, запраша Додевски, судската контрола, а се работи за чувствителни прашања.

„Затоа и е присуството на адвокат во овие постапки, поради правна сигурност. Не се точни тврдењата и дезинформациите кои ги даваат некои нотари дека секоја страна треба да си донесе адвокат. Не! Ако страните не се спротивставени, зошто секоја страна да носи адвокат, тоа не е ни така пропишано во законот, значи потребен е само еден адвокат во случај ако нема спор“, појасни Додевски.

Адвокатурата со години, истакна Додевски, се соочува со опструкции, но ги издржуваме нападите. Со секој напад ние сме посилни затоа што, нагласи Додевски,  адвокатите по вокација се храбри.  За нас, заклучи Додевски, правната сигурност е секогаш на прво место.

М.В