/ Прочитано:

1.684

За борба против корупцијата, потребни се измени на законот кој изгуби од својата конзистентност, порачуваат експертите

За поголема ефикасност на Државната комисија за спречување корупција, потребна е промена на актуелниот модел на нејзино функционирање, кој ќе ги вклучува најновите меѓународни инструменти во оваа област и законски измени во однос на нејзината независност, оперативност и интегритет на членовите,  сметаат експертите и претставниците на невладиниот сектор.

Во Законот за спречување на корупцијата се пропишува дека  Државната комисија е самостојна и независна во вршењето на работите определени со закон и има својство на правно лице. Државната комисија е составена од седум члена. Членовите на Државната комисија ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од четири години, со право на уште едно именување. Државната комисија избира претседател со мандат од една година со право на уште едно именување.

„Под корупција, во смисла на овој закон, се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг“, се вели во членот 1-а во Законот за спречување на корупцијата.

Според Данило Кос, кој беше говорник на конференцијата насловена „Моделот на превентивното тело за антикорупција: како функционира сегашниот модел и дали има потреба од измени?“ – за доследна борба против корупцијата се неопходни законски измени.

„Државната агенција за борба против корупцијата се наоѓа во криза. Тоа е едноставно последица на тоа што Македонија има најстар закон од оваа област во регионот, кој е толку пати променет што ја изгубил внатрешната конзистентност. Покрај тоа, агенцијата нема овластувања кои би морала да ги има, нема независност што би морала да ја има, така што треба да се менува системот, во спротивно на Македонија таа не ѝ треба“, истакна Драго Кос, претседател на Работната група на ОЕЦД за поткуп во меѓународни деловни односи и поранешен претседател на Антикорупциската комисија во Словенија.

„Направените согледувања и анализи говорат дека во последните десетина години имаме целосно назадување во работењето на Антикорупциската комисија, а тоа беше констатирано и во извештаите на ЕК. Потребни се промени во повеќе сегменти каде што се детектирани слабости кај постојниот закон, а клучно е креирањето сопствен модел што ќе одговара на нашите потреби.
Имаше проблем во спроведувањето на Законот за спречување на корупцијата, недостатоци во капацитетот на самата институција за спроведување на одредбите од законите за спречување на судир на интереси. Постоеше селективност во работењето, недоволна независност на Комисијата и сите тие прашања треба да се разгледаат повторно, затоа што во меѓувреме имаме и нови меѓународни инструменти, имаме меѓународни принципи за обезбедување на независноста на институциите и сето тоа треба да се разгледа и да направиме модел што нема да копира друг модел, но ќе функционира овде во земјата, во согласност со нашите закони и нашите состојби“, смета Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ – Македонија.

Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, пак, смета дека дел од изнесените информации за работата на Комисијата се валидни, а дел се непроверени. Според Тантуровски, Комисијата во овој состав никогаш не била потранспарентна во својата работа, соработува со НВО-секторот и e отворенa за медиумите. Нашиот буџет, вели Тантуровски, е ограничен, а и намален за 15 проценти.

„Независноста на една институција не се мери само во делот како членовите се избрани, туку независноста е многу важна во оној дел како ќе ѝ се дозволи да функционира и колку власта и Собранието на РМ ќе ја поддржат институцијата. Ако нема поддршка и добра волја тоа да се направи, оние надлежности што ги има самата институција не може да ги спроведе“, додава Тантуровски.

Во владиниот план за реформи се вели дека во врска со борбата против организираниот криминал и корупција ќе се дефинираат реформи кои ќе обезбедат непристрасен и професионален однос спрема секој пријавен случај на корупција, со еднаков пристап и примена на законите за секој граѓанин на Република Македонија.

М.В