/ Прочитано:

4.695

„За борба со дискриминацијата, клучна е сензибилизацијата“ – адвокат Жарко Хаџи Зафиров


Управниот суд на Република Македонија донесе Решение со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во матичната книга  на родени и да го поништи сегашниот матичен број. По промената на податоците во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде што со полна јурисдикција е одлучено за правото на промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице. Постапката пред Управниот суд ја водеше адвокат Жарко Хаџи Зафиров од адвокатското друштво „Бона фиде“, како дел од тимот адвокати на Македонското здружение на млади правници кое, користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи,  продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права  преку создавање на позитивна практика која води кон општествени промени.

„Со ова решение за првпат во македонското правосудство беше утврден пол спротивен од тој што е наведен во изводот на матичната книга на родени. Ова решение претставува пресврт во делот на целосно уживање на правата на трансполовите лица и почитување во целост на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и на практиката на Европскиот суд за човековите права. Решението на Управниот суд е храбар исчекор кој ја  одразува и следи практиката на Европскиот суд за човековите права и трендовите во европските правосудни системи. Без разлика што секоја држава има полна дискреција да ги уредува овие права, неизбежно е дека практиката на Стразбур и обврската што ја има Република Македонија како потписник на Европската конвенција за заштита на човековите права ја задолжуваат Република Македонија, односно нејзините државни органи да ја почитуваат Конвенцијата и да ја применуваат практиката во македонски услови“, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров.

Ова решение, нагласува адвокатот, е многу значајно затоа што со него се направи целосно решавање на статусот на трансполовите лица. Од особена важност во ова решение е тоа што се задолжуваат државните органи да извршат промена во матичните книги, но истовремено, и да се поништи матичниот број на лицето кое имаше поднесено тужба.

„Значи, одлучено е за правото на промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице. Тоа значи дека ако досега постоеше само промена во матичните книги, сега за првпат ќе се врши интервенција во матичните броеви на граѓаните кои се трансполови лица, што подразбира дека тие во целост ќе бидат впишани во матичните книги на евиденција и во евиденцијата на МВР, а во согласност со физиолошката и физичката промена на полот. Со тоа, всушност, ќе се обезбеди правна сигурност за нив, со почитување на нивните права, а  во согласност со полот што го имаат добиено по нивните медицински интервенции“, образложува адвокатот Хаџи Зафиров.

„Во однос на примена на ЕСЧП, морам да напомнам дека за прашањата поврзани со овие права, во Македонија оваа практика се применува на еден многу штур начин, не затоа што таа не е апликативна туку затоа што доктрината на слободното судиско убедување е премногу силна во однос на делот на она што се случува, размислува и одлучува во Судот во Стразбур, значи со  доктрината на ЕСЧП. Од многу наши претставници во правосудните органи ќе слушнете дека практиката на ЕСЧП во РМ не е извор на правото и  тоа е точно, затоа што со Уставот и со Законот за судови многу јасно е утврдено кои се извори на правото. Сепак, не треба да заборавиме дека практиката на повисоките национални судови и практиката на Судот во Стразбур треба да служат како средство за аргументација кога се носат одлуките. Ова го кажувам од аспект на тоа дека со примената на практиката на ЕСЧП во иднина и на Европскиот суд на правдата во Луксембург, но и на Врховниот суд и апелациските судови, може само да се олесни работата на судиите и на судскиот персонал и да се оди на поширока примена на правото за што посебна надлежност, во согласност со законите и Уставот, има Врховниот суд на РМ. И покрај тоа што не постои примена, предвидено е секој суд да има одделение за судска практика што говори за потребата и значењето на судската практика“, додава Хаџи Зафиров.

Се поставува прашањето, нагласува адвокатот, што е потребно за да заживее судската практика? Де факто, вели Хаџи Зафиров, судската практика ја имаме и таа постои. Да потсетам само дека  кога ќе се донесе измена на некое законско решение или нов закон, пониските судови се обидуваат со различни пристапи да направат судска практика.

„Тие тоа го прават на тој начин што се носат две различни одлуки за некоја одлука што не е доволно јасна и потоа се чека исходот од повисокиот суд во заемањето став на кој начин да се примени новиот закон и како идните судии да постапуваат во иднина“, образложува адвокатот.

Во врска со прашањето за заштита од дискриминацијата од нормативен и практичен аспект, адвокатот Жарко Хаџи Зафиров вели дека клучно за борбата со дискриминација е прашањето за подигнување на јавната свест.

„Ние со Законот за заштита од дискриминација  не можеме да решиме ништо доколку не се работи на сензибилизирање на правните професионалци,  судиите, обвинителите и адвокатите во делот на идентификација, превенција и заштита од нееднакво постапување. Сензибилизирањето подразбира секако и  преземање определени чекори во делот на подигнување на јавната свест. Според предметите што јас ги водам заедно со моите колеги, а се дел од проектот на Македонското здружение на млади правници, може да се констатира дека навистина се соочуваме и со бизарни одлуки од страна на некои судии. Па така, на пример, во предметите според кои не им е дозволен излез од територијата на РМ на македонските граѓани кои се од ромската национална припадност, постои пресуда која  укажува на таква бизарност. Имено, во пресудата се вели дека Македонија е член на шенген бордер кодот и дека овој код е над Уставот на Република Македонија“, истакнува адвокатот Хаџи Зафиров.

„Не би сакал никого да осудувам, туку да појаснам дека сензибилизацијата е клучна. Лицата  што одлучуваат или што застапуваат треба да се стават во кожата на тие што не биле еднакво третирани за да утврдат дали постои дискриминација. Дополнително ќе ви кажам уште еден пример. Со Македонското здружение на млади правници имавме еден предмет и случај во кој четири лица беа вратени од границата спрема Србија од граничниот премин Табановце. Поведовме постапка за овој случај пред четири институции кои обезбедуваат заштита од дискриминација. Една од институциите беше Народниот правобранител. И што се случи? За жал, Народниот правобранител се произнесе и утврди дека не постоела дискриминација. Тоа за нас беше фрапантна одлука односно мислење со кое се соочивме. Единствена институција која утврди дискриминација беше Основниот суд Скопје 2 и тоа беше првата пресуда со која се утврдува дискриминација во Република Македонија. Што се случи понатаму? Истата година, се случи заменичката на Народниот правобранител која е од ромска националност да биде вратена од аеродром. . За овој случај, пак, Народниот правобранител утврди дискриминација. И, што беше тоа, селективна правда?“, вели адвокатот Хаџи Зафиров, додавајќи дека тоа, всушност, дава одговор на прашањето што е тоа сензибилизација.

„Што е сензибилизација? Тоа е исчекор од самиот себеси во делот од тоа да видиш дека другите не се ништо поразлични од тебе. Се радувам на фактот дека има сè  повеќе млади луѓе со таков личен исчекор, за кои сензибилизацијата не е под знак прашање. Но факт е дека за сензибилизацијата во поширок контекст и за сите генерации претстојат декади“, вели адвокатот.

Во таа насока, Хаџи Зафиров резимира дека решението на Управниот суд со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во матичната книга  на родени и да го поништи сегашниот матичен број, е токму на линија на сензибилизацијата.

„Пријатно сум изненаден од Управниот суд. Во Управниот суд постои јадро од кое може да очекуваме поголеми отстапувања од тоа што е перцепцијата на Управниот суд. Видете, Управниот суд прави контрола на целата држава, а тој суди во импровизирана зграда, па очекуваме да има јавни седници. Имам големи очекувања од судот затоа што и мојата специјализација е управното судство и сметам дека треба да им се помогне на тие судии таму. Мислам дека се добри најавените промени за реформите во делот на управното судство. Јас секогаш се залагав да се укине можноста  државните органи да поднесуваат жалба, односно само граѓаните или правното лице што се јавува како тужител да имаат таква можност. Ваквата можност за жалба на државните органи не значи само непотребна, така да кажам, државна парница, туку тоа значи директен притисок врз судот “, резимира адвокатот Хаџи Зафиров.

М.В