/ Прочитано:

5.994

„За да се разберат институтите во правото, потребно е континуирано да се чита и истражува“ – Маја Вељанова, добитник на наградата на УКИМ за најдобар студент

Во 21 век, кога информацијата е најмоќното оружје во борбата за успех, на моите помлади колеги би им препорачала континуирано да читаат не само задолжителна туку и дополнителна литература, со цел правилно да ги разберат институтите во правото, да знаат како тоа практично да се примени, што ќе доведе до тоа да се издвојат од другите и да остават впечаток дека се посветени и заинтересирани за она што ќе го работат во иднина, вели Маја Вељанова, на која УКИМ ѝ додели награда и признание за најдобро дипломиран студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во учебната 2014/2015 година.

Што претставува за тебе оваа награда?

Јас отсекогаш велам дека амбициозноста е „неизлечлива болест“ од која се заразени најпосветените поединци во полето на интерес во кое се градат на професионално ниво. Секое признание како резултат на вреднување на личниот успех, колку и да е чест и задоволство, сепак со себе носи голема тежина која според мене се мери со мерната единица „одговорност“. За мене оваа награда претставува гордо завршување на поглавјето „додипломски студии“ и одговорност во иднина да го зголемам интензитетот во поглед на посветеноста кон правото, во споредба со оној што сум го имала во текот на студиите.

 Кој беше  твојот мотив да се одлучиш да студираш право?

Многумина ќе се изненадат од мојот одговор, но во почетокот на студиите јас воопшто не чувствував „силна врска“ помеѓу моето поле на интерес и правото. Секако, претходно споменатото е како резултат на тоа што мојата желба никогаш не беше да студирам правни студии. Во текот на средното образование, најголем предизвик ми беа природните науки и моите први признанија, односно наградите во областа на хемијата како на меѓународно, така и на национално ниво. Нема да ја кажам причината поради која почнав да студирам правни науки, но да одговорам на прашањето – немав никаков мотив. Сепак, и покрај тоа што кога почнав да се „запознавам“ со правото немав мотив, откако навлегов во материјата – се роди огромна љубов кон правото која расте во континуитет, а се надевам дека тоа ќе продолжи да биде така и во иднина. Од оваа гледна точка, сметам дека не сум погрешила во изборот на својата професија и дека ми е многу драго што во иднина ќе работам нешто што ме исполнува.

Што е она што е предност, а што слабост на македонското правничко образование?

Како студент што студирал на најдобриот правен факултет во Република Македонија, Правен факултет „Јустинијан Први“, можам да кажам дека предноста беше што преовладуваше квалитетен наставен кадар кој умееше да создаде плодна „почва“ за реализација на интерактивна настава. Навистина има професори што предаваат со ентузијазам и несебично се вложуваат, а со тоа и докажуваат дека се навистина најдобри во она што го работат. Она што го гледам како слабост, не само во правното образование, туку воопшто во образованието во Република Македонија, е недостатокот на (квалитетна) литература. Дел од литературата од која учев во текот на студиите веќе беше за изменување и надополнување во согласност со моменталната состојба, но тоа не беше направено. Навистина сметам дека би било многу корисно доколку факултетите направат библиотека во дигитална форма на која професорите и студентите би можеле да прикачуваат литература (зборници/есеи/трудови/учебни помагала), со што како резултат би се зголемиле изворите за добивање на информации, студентите и професорите би имале заедничка платформа за размена на литература и сето тоа како плод би родило поквалитетни услови за образование.

Кој е твојот иден предизвик?

Сега, кога веќе ја имам основата, односно темелите во правото, мојот предизвик е да се изградам како квалитетен правник преку континуирано вложување во насока на унапредување на личните квалитети. Во текот на студиите ми беше тешко да издвојам личност која ме фасцинирала и која во мене предизвикала чувство на восхит и желба да ја сметам за „водилка/мотив/идол“, бидејќи сметам дека во секоја професија, секоја индивидуа има личност на која ѝ се восхитува и која ја смета за „пример кој во согласност со своите квалитети се издвојува од другите“. Ситуацијата е променета, па откако започнав практично да го применувам правото, можам слободно да кажам дека личноста со која моментално соработувам ми дава впечаток дека „во правото, како и во сѐ друго, треба да си неограничено посветен и исто толку и внимателен“ и би сакала да потенцирам дека влегува во претходно споменатата категорија и навистина би ми било драго доколку во иднина и јас предизвикам такво чувство кај некој/а помлад/а колега/-шка.

Твојата порака до помладите колеги…

Секој од нас вложува онолку колку што смета дека е доволно според неговите субјективно одредени стандарди, за да се постигне она што е зацртано како цел. Во 21 век, кога информацијата е најмоќното оружје во борбата за успех, на моите помлади колеги би им препорачала континуирано да читаат не само задолжителна, туку и дополнителна литература, со цел правилно да ги разберат институтите во правото, да знаат како тоа практично ќе се примени, што ќе доведе до тоа да се издвојат од другите и да остават впечаток дека се посветени и заинтересирани за она што ќе го работат во иднина.

УКИМ ѝ додели награда на Маја Вељанова за најдобро дипломиран студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“

М.В