/Прочитано:

357

За фирмите од градежништвото, неприменувањето на законите и честите измени на прописите се главен проблем во нивното работење

Стопанската комора на северозападна Македонија, со поддршка на УСАИД и „Епицентар“, денеска организираше форум за регулативата од областа на просторното планирање, градежното земјиште и постапките за градење.

На форумот стана збор за правните основи според кои можат да се поведуваат постапки во согласност со Законот за градежно земјиште и за утврдување на цената на градежното земјиште (во кои случаи има повластена цена и дали е тоа оправдано), а се анализираа и проблемите со запишаните кориснички права на физички и правни лица и на субјекти кои не постојат, како и начините на бришење на корисничките права според Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

На денешниот форум како централен проблем беше посочен проблемот со неприменувањето на законската регулатива и честите измени на законите од областа на градежништвото, особено Законот за градење кој е изменет близу триесетина пати. Со Законот за градење се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.

„Мора да најдеме начин за подобрување на имплементацијата на законите. Законска измена на регулативата од областа на градежништвото е потребна и нејзината подготовка е во тек, но никако не смее да се дозволи таа да биде честа како во изминатиот период или пак да биде правена поради нечии лични интереси“, истакна на денешниот форум министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Потребни се промени, изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, кој нагласи дека клучно прашање е практичната примена на регулативата за градежно земјиште. Фирмите, посочи Хоџа, бараат и законите да не се менуваат често.

„Законите не се толку проблем колку што е нивното неприменување. За фирмите, проблем е постоењето судски спорови кои завршиле, но не можат да се реализираат, односно судски одлуки кои не се спроведуваат. Се разбира, честите промени на законите го отежнуваат нивното секојдневно работење“, изјави Хоџа.

На денешниот форум, од Министерството за транспорт и врски истакнаа дека ќе се направат квалитетни измени кои ќе го подобрат работењето на компаниите, а граѓаните да можат да си ги остваруваат правата, особено во поглед на  постапките за одобрение за градење, како и во поглед на казнената политика.

M.В