/ Прочитано:

1.429

ЗА ИЗВЕШТАЈОТ НА СЈО: Конкретните резултати од работата на специјалните обвинители треба да се очекуваат многу наскоро

Јанева во Извештајот што го достави до Собранието и до Советот на јавни обвинители, пред кои според законот е обврзана да дава отчет, наведе дека специјалните јавни обвинители работат на 30 истраги во кои се опфатени 80 лица.

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Сериозен и темелен пристап кон работата од која многу наскоро треба да се очекуваат и конкретните резултати, вака аналитичарите го оценуваат шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство за сработеното од неговото формирање на 15 октомври минатата година до 15 март оваа година.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека очекувал дека Специјалното јавно обвинителство ќе има многу сработено, со оглед на роковите определени во Договорот од Пржино и во Законот, кои ја ограничуваат неговата работа.

„Од она што може да се види од Извештајот е дека тие биле доста ангажирани и доста сериозно и професионално пристапиле во нивната работа, што се гледа и од корпусот на кривични дела кои ги опфатиле во кривичните пријави, каде што, освен делата поврзани со изборните нерегуларности, се опфатени и делата за злоупотреба на службената положба и овластување, како и други кривични дела, што е показател дека се внимавало на сите индиции изнесени во прислушуваните разговори и кои произлегува од нив“, вели Трпеновски.

Според него, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат добар преглед на сите предмети со кои располагаат, како и на сите предмети кои би можеле да произлезат од прислушуваните разговори и, според динамиката што сами си ја поставиле, имаат увид во обемноста на предмети со кои ќе се соочат во текот на работата и токму поради нивната независност од другите институции, ќе успеат да ги совладаат предметите во периодот кој е предвиден за нивно функционирање.

„Она што е позитивно е тоа што, и покрај опструкциите од институциите, во смисла на недоставување на предмети или потребни материјали за истрагата, обвинителката потенцираше дека ќе постапува и по допрен глас и дека сама ќе отвора предмети, што дава впечаток дека многу сериозно ѝ пристапува на работата“, заклучува Трпеновски.

Имајќи ги предвид сите околности и условите во кои започна со работа Специјалното јавно обвинителство и гледајќи го Извештајот за нивната шестмесечна работа, можам да кажам дека е факт дека тие многу сериозно ѝ имаат пристапено на целата работа, особено ако се има предвид доцнењето на нивното екипирање и формирањето на тимот за работа, отежнатата соработка со институциите и другите препреки со кои се соочуваа, вели адвокатот Александар Тортевски.

???

„Сметам дека Извештајот е добар, а резултатите од нивната работа допрва ќе следуваат“, вели тој.

Според Тортевски, воопшто не треба да се поставува прашањето за тоа дали постои клима за решавање на сите предмети поврзани со висок криминал во државава бидејќи борбата со криминалот не смее да биде прашање, туку определба.

„Секој што навистина ѝ сака добро на земјава, треба да даде поддршка во борбата против криминалот“, смета Тортевски.

Јанева во Извештајот што го достави до Собранието и до Советот на јавни обвинители, пред кои според законот е обврзана да дава отчет, наведе дека специјалните јавни обвинители работат на 30 истраги во кои се опфатени 80 лица. Меѓу делата за кои се осомничени лицата се: „Повреда на избирачкото право”, „Злоупотреба на службената положба и овластување”, „Повреда на слободата на определување на избирачите”, „Повреда на тајноста на гласањето”, „Злоупотреба на лични податоци “, „Присила“, „Неовластено прислушување и тонско снимање” и други.

Покрај тоа, специјалните јавни обвинители отвориле и 120 предистражни постапки. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, т.е. прислушувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн., се наведува во Извештајот.

„Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија“, вели Јанева во Извештајот.

М.С.

ШЕСТМЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ НА СЈО: Специјалните обвинители работат на 120 предистражни постапки