/ Прочитано:

1.715

За подготовка на коментарите на законите потребна е умешност и љубов кон правото

Коментарите на законите имаат непроценливо едукативно и практично значење за правниците, вели проф. д-р Кирил Чавдар, еден од најреномираните и најугледни правници во Република Македонија, професор по право и судија, со долгогодишно искуство во сите правни области.

slika

Работата на проф. д-р Чавдар во македонската правна наука и практика е препознатлива преку подготовката на коментари на законите, потоа преку анализата на судската практика, како и преку правната едукација.

„Подготвувањето на еден коментар бара големи познавања од областа. Коментарите имаат огромно значење за правниците затоа што од нив може многу да се научи за различни ситуации низ практичното работење. Секогаш треба да се има предвид дека и подготовката на коментарите бара менаџирање. Оттука, може да се заклучи дека при подготовката на еден коментар можно е да се појават и ризици, на пример, во менаџирањето на времето, потоа во пристапот на подготовка, како и во соодветното изнесување на знаењето во текст кој треба да има правна прецизност, точност и систематско проучување на материјата. Имено, се работи за нешто што треба да биде применливо во практиката и тука нема простор за импровизации“ , вели професорот Чавдар.

За да служат како практични помагала, додава професорот,  потребно е коментарите да содржат судска практика и примери на поднесоци. Кога започнав да ги пишувам коментарите, истакнува Чавдар, веќе имав 40-годишно практично искуство и едноставно знаев што е потребно за подготовка на таков коментар.

akad 2

„Коментарите го збогатуваат правото. Доколку не постојат, тогаш од едукативен аспект би имало голема сиромаштија во правото. Правниците многу добро знаат колкава е вредноста на коментарите. Сите практичари, па и теоретичари, при разгледувањето на некое правно прашање веднаш бараат коментар за консултација. Тоа говори доволно за тоа колку оваа дисциплина, ако може така да се нарече, има придонес за развојот на правната мисла и на правната практика. Всушност, коментарите се спој помеѓу теоријата и практиката и, како што реков, со правилно менаџирање на постапката на подготовка на коментар може да се добијат извонредни резултати“, истакнува Чавдар.

Професорот Чавдар додава и дека новиот Коментар на Законот за извршување, во издание на Академик, е изработен според истите принципи кои ги применувал во својата досегашна работа.  При користењето на овој коментар, вели Чавдар, треба да се има предвид дека по својата намена тој спаѓа во оние дела во кои проблематиката е обработена од практичен аспект и за практиката, на начин кој укажува на поврзаноста на одделни членови од Законот со други негови членови и со целината на Законот, но и со одредбите од други закони, што овозможува секоја одредба да се согледа во целосноста на Законот, на одделните гранки од правото, а некаде – и во целосноста на правниот систем.

Несомнено, истакнува професорот Чавдар, коментарите за значајните практични прашања од правото се императив за секој правник, за целокупната стручна јавност, но и за пошироката јавност, затоа што онаму каде што се луѓето таму е и правото. А за доследна примена на правото, мора да има и континуирано образование, мора да се истражува, мора да се чита.

akad 2

„Морам да кажам дека она што го прави Академик сега се ближи кон одлични резултати. Тоа мора да го признаеме. Драго ми е што имаме ваква издавачка куќа која можат да ја користат сите правници за да се надградуваат“, истакнува проф. д-р Кирил Чавдар, кому Академик, на Конференцијата на Академик посветена на управувањето со правните ризици, му додели признание за правна извонредност.

„Човек не може да не се восхити на страста за правото на професорот Чавдар. Тој продуцира како апел до сите нас“, истакна адвокатот Георги Димитров, кој му го врачи признанието.

М.В