/ Прочитано:

1.730

За поголема социјална вклученост на лицата со инвалидитет, потребни се сертифицирани компании за персонална асистенција

Дел од интервјуираните лица со инвалидитет истакнале дека најголема помош од стручни лица им е потребна во секојдневниот живот, односно во активностите во домот и во секојдневната грижа за себе. Податоците покажуваат дека најголем дел од лицата со инвалидитет се изјасниле дека не им е потребна помош на работното место, што укажува на тоа дека огромен број од нив се невработени.

Врз основа на анализите и истражувањето за потребите и побарувачката за професионална рехабилитација и персонална асистенција, што е дел од проектот „Унапредување на услугите за социјална инклузија“, утврдено е дека приоритети во однос на ова прашање мора да бидат организирање медицинска и физичка рехабилитација за лицата со инвалидитет, како и сертифицирање на компании за персонална асистенција.

Истражувањето е спроведено на целата територија на Република Македонија, за да се нотираат потребите на оваа категорија граѓани, а потоа и да се  унапредат сите услуги што им се потребни, сѐ со цел лицата со инвалидитет полесно да се вклучат во сите општествени текови.

„Во нашиот проект, покрај лицата со инвалидитет, беа вклучени и луѓето, односно професионалците што директно или индиректно работат со нив. Сеопфатната анализа покажува дека на оваа ранлива категорија луѓе им се потребни професионална рехабилитација и луѓе што ќе работат со нив, а тоа се личните асистенти“, нагласи Хелена Вахалополус, лидер на овој проект.

Во рамки на проектот, дел од интервјуираните истакнале дека најголема помош од стручни лица им е потребна во секојдневниот живот, односно во активностите во домот и во секојдневната грижа за себе. Ваквите податоци, како што истакна  Маријана Јанковиќ, експерт за персонална асистенција, покажуваат дека најголем дел од лицата со инвалидитет се изјасниле дека не им е потребна помош на работното место, што покажува, како што рече, дека огромен број од нив се невработени. Тоа според неа е загрижувачки податок.

„Токму во овој дел треба да дејствуваме и да преземеме конкретни мерки. Потребно е вложување дополнителни напори, односно персоналната асистенција да им ја доближиме на луѓето со поголема инвалидност, како нешто што ќе им помогне и во професионалната рехабилитација и во пронаоѓање на работа“, истакна Јанковиќ.

Сепак, како што беше посочено, најзагрижувачки податоци од ова истражување се оние што покажуваат дека лицата со инвалидитет постојано се соочуваат со предрасуди, стигматизација и дискриминација во текот на нивниот живот, а особено кога станува збор за нивното вклучување на пазарот на трудот, иако вработувањето на лица со инвалидитет во Македонија  е регулирано со Законот за работни односи и со Законот за вработување на лица со инвалидитет. 

Инаку, анкетата за работна сила во 2014 година покажува дека имало 10.047 невработени лица кои не барале работа поради инвалидитет, од кои 6.709 биле мажи и 3.338 биле жени. Исто така, бројот на лица со инвалидитет вработени во заштитни друштва во 2014 година изнесувал 2.316, што е малку повисок во однос на 2013 година кога биле вработени 2.274 лица, а евидентираните невработени лица со инвалидитет се од сите возрасти. Според образовниот статус, поголемиот број од нив се без образование.

А. Б.