/ Прочитано:

1.541

За правата на децата во Собранието на РМ најчесто се говори на индиректен начин

Денес Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одржа прес-конференција на која го презентираше Извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието на Република Македонија во текот на 2016 година.

Оваа активност е дел од  проектот „Имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето во Македонија“, спроведуван од Коалицијата на младински организации СЕГА и поддржана од Детската фондација „Песталоци“.

Целта на извештајот, беше нагласено на денешниот настан, е да се направи генерален увид за степенот на застапеност на детските права генерално во Собранието на Република Македонија. За таа цел се разгледувани материјалите во текот на 2016 година, при што увидовме дека во Собранието пратениците разговараат за правата на децата од различни аспекти.

Бидејќи е анализирана само 2016 година, велат од „Меѓаши“ во извештајот, сакаме да напомнеме дека изнесените увиди не претставуваат отсликување на целосната слика за работата на Собранието на Република Македонија и  дека тие немаат за цел да генерализираат.

Овие увиди, додаваат од „Меѓаши“, претставуваат почеток на една анализа чија цел е да се поттикнат пратениците што почесто и подиректно да дискутираат, предложуваат и иницираат измени и дополнувања во согласност со нашиот законодавен систем и Конвенцијата за правата на децата.

„Во Собранието на Република Македонија, најчесто за правата на децата се зборува на индиректен начин, како теми кои можат да предизвикаат поголем интерес ако се важни и за децата. Воедно би сакале да укажеме дека кога станува збор за правата на децата, тие можат да се поврзат и со други дискусии, предлог-закони и иницијативи, но според моменталните наши потреби, сметавме дека најзначајни се приложените седници (пленарни, седници на работните тела и пратенички прашања)“, истакнуваат од „Меѓаши“.

Од анализата можеме да заклучиме дека кога станува збор за правата на децата , во Собранието на РМ се третираат: правата на децата на соодветно образование, првата на децата на здравствена заштита и правата на децата на социјaлна заштита.

 „При анализа на документацијата беше земен предвид политичкиот контекст во кој функционираше Собранието на Република Македонија во текот на 2016 година и присуството на многу приоритетни прашања кои се директно поврзани со функционирањето на нашата држава. Од тој аспект сметаме дека и  индиректниот начин на разгледување и дискутирање за правата на децата е за поздравување. Сепак, ги повикуваме пратениците на Собранието на РМ во иднина да стават акцент не само на примарните права на детска заштита, туку и на секундарните и терцијалните права, како што се правото на детско учество, слобода на говор, итн.)“, истакнуваат од „Меѓаши“.

Исто така, препорачуваат од „Меѓаши“, комисиите што третираат прашања поврзани со детските права треба да вклучуваат граѓански организации кои прават експертизи по одредени прашања, со цел да се поттикне партиципативен процес при донесување на системски одлуки поврзани со детските права.

М.В