/ Прочитано:

1.217

За производство на домашна документарна и играна програма издвоени 31 милиони денари

Станува збор за исплата на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50 % при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма. За изборот на проектите кои ќе бидат субвенционирани одлучува Меѓуресорска комисија составена од компетентни и стручни кадри, кои имаат искуство во медиумското работење.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски денеска ја презентираше одлуката на Владата на Република Македонија за максималниот износ на надоместокот за покривање на трошоците за производство на домашна документарна програма и на домашна играна програма за 2017 година, во износ од 31 милиони денари.

„Во согласност со членот 92 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, почнувајќи од 2014 година, Владата на Република Македонија преку Министерството за информатичко општество и администрација, постојано го помага производството на домашна играна и домашна документарна програма за трговските радиодифузни друштва (националните тв куќи) и јавниот радиодифузен сервис. Станува збор за исплата на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50 % при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма“, рече Муцунски.

За изборот на проектите кои ќе бидат субвенционирани одлучува Меѓуресорска комисија составена од компетентни и стручни кадри, кои имаат искуство во медиумското работење, а доаѓаат од институции како што се: Министерството за култура, Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, потоа Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација, кое се залага за навремено спроведување на законските обврски.

Заменик-министерот потенцираше дека зацртани се професионални стандарди кои медиумите треба да ги исполнат за да може нивниот проект да биде одобрен: сценарио за ТВ-филм или сценарио за секоја епизода за ТВ-серија, кратка содржина (синопсис) за документарна програма, технологија за продукција за домашна играна програма, рок и динамика за производство, со назначување на локациите на снимање, предвидени ресурси за производство, финансиска конструкција на проектот, со детален приказ на трошоците за производство итн.

„Телевизиските радиодифузери при доставувањето на предлог-проектот треба да ги имаат предвид одредбите од Уредбата за структурата на трошоците,  како и Одлуката за максималниот износ на надоместокот за покривање на трошоците во висина од 50 % при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма”, рече Муцунски, нагласувајќи дека целиот процес е транспарентен, објективен, без фаворизирање, а единствените критериуми се почитување на професионалните стандарди и обезбедување комплетна документација која е потребна за аплицирање на јавниот повик.

А. Б.