/ Прочитано:

1.367

За Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ се предвидени 500.000 евра за 2017 година

„Заканите од нов масовен бран бегалци се објективни и можноста за повторување на состојбата од лани е реална, па затоа сите заедно треба да бидеме подготвени да дадеме сеопфатен регионален одговор под закрила на нашите партнери од Европската Унија“, нагласи министерот Нухиу, на денешниот дипломатски брифинг за Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ.

500.000 евра се предвидени за 2017 година за Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, која треба да обезбеди не само стручна помош и планирање заеднички акции, туку и конкретен придонес за создавање конкретни акциони планови за решавање на проблемот со бегалската криза.

На денешниот дипломатски брифинг за активностите на МАРРИ, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, истакна дека актуелната мигрантска криза е една од најголемите со кои се соочуваат Европа и земјите што се дел од Западнобалканската мигрантска рута.

„Земјите од регионот кои се дел од Западнобалканската мигрантска рута потребно е да соработуваат за справување со бранот бегалци и мигранти, особено поради фактот дека е можно повторување на бегалскиот бран. Во справувањето со огромниот број лица што транзитираа низ Република Македонија, националните институции беа на висина на задачата и успешно одговорија преку обезбедување мирен транзит, а притоа не беше нарушена безбедноста на македонските граѓани. Заканите од нов масовен бран бегалци се објективни и можноста за повторување на состојбата од лани е реална, па затоа сите заедно треба да бидеме подготвени да дадеме сеопфатен регионален одговор под закрила на нашите партнери од Европската Унија“, нагласи министерот Нухиу. 

Актуелен претседавач со Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ е Република Србија, а амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивљак Томиќ, нагласи дека Србија како транзитна земја која се наоѓа на средината на Балканската рута е една од оние земји кои се најосвестени за овој проблем. 

„Од МАРРИ како уникатна иницијатива очекуваме да обезбеди не само стручна помош и планирање заеднички акции, туку и конкретен придонес за создавање на конкретни акциони планови, како и поддршка на координацијата и имплементацијата со постојните механизми на сите учесници на МАРРИ. Од партнерите на МАРРИ очекуваме да ги вложат своите напори и да ги понудат најдобрите решенија за мигрантската криза“, рече амбасадорката Дивљак-Томиќ.

Продолжувањето на реформските процеси, како што потенцираше Дивљак-Томиќ, е од клучно значење за тоа МАРРИ да ја потврди својата важност како нужен механизам за координација и стручна соработка во делот на миграциите, а ќе придонесе и за јакнење на регионалните иницијативи.

Во јуни оваа година треба да биде усвоена и Стратегијата за 2017-2020 година, а следен претседавач со иницијативата е Албанија. 

А. Б.